Уникатен пример: Град на толеранција, пророци и волшебници кој нема каде да се шири

Амеди или како што уште се нарекува, Амадија е прекрасен град во Ирачки Курдистан, автономен регион во Ирак кој се граничи со Иран на исток, Турција на север, Сирија на запад и остатокот од Ирак на југ.

Главен град на регионот е Арбил (Хевлер), а Амеди се наоѓа во провинцијата Духоки на мало плато опкружено со стрмни карпи долги само 1000 метри и широки 500 метри. Географските услови не дозволуваат натамошно проширување на градот од кој се гледа спектакуларен поглед на долината и нејзината околина.

Освен по својата локација, Амеди е историска и културна гордост на Ирачки Курдистан. Мирниот соживот на неколку етнички групи и религии е пример за толеранција во регион полн со несогласување. Амеди со векови е дом на христијаните и муслиманите, а пред да се создаде државата Израел, во него живеело големо еврејско население.

Денес во Амеди живеат речиси 6.000 луѓе. Животот на платото датира од најмалку 3000 п.н.е., а се верува дека градот го основале Асирците. Освен стратешката положба која нуди заштита, причините за тоа се кријат и во природната убавина. Се верува дека Амеди бил дом на тројца кралеви, мудреци или волшебници кои дошле да му се поклонат на Исус по неговото раѓање.

Најдобро се стигнува до градот по пат од Заха, кој оди до градот Барзан, и може да се посети по заобиколен пат каде што има прекрасни видиковци. Античкиот влез во градот, односно камената порта на Бахдинијан со лак е прекрасна глетка, а вреди да се види градската џамија од 12 век и гробницата која се смета за почивалиште на пророкот Езекиел.

Недалеку од градот се наоѓа водопадот Сулав кој е омилено место за туристите, исто како паркот Бере Сили кој оживува секоја есен кога локалното население го слави празникот на жетвата.