Усаин Болт откри за колку време би можел сега да истрча 100 метри, 8 години по пензионирањето
Иако Усаин Болт е во пензија веќе неколку години, луѓето сè уште го прашуваат колку брзо може да трча денес.
Поранешниот олимписки шампион гостуваше во „The Obi One Podcast“ и откри дека ова прашање му го поставуваат постојано.
„Сите ме прашуваат истото!“ изјави тој со насмевка.
Водителот го праша дали сè уште може да истрча под 11 секунди, а Болт самоуверено одговори: „Да, секако! 10 и пол, тоа би бил јас“.
Сепак, на предлогот да облече спринтерски патики и да тестира колку брз е денес, тој се пошегува: „Веројатно би си го скинал задниот бутен мускул“.
Иако не е подготвен веднаш да се тестира, Болт најави дека ќе тренира три недели и потоа ќе проба да истрча за да открие колку брзо навистина може да трча. Фановите со ентузијазам реагираа на неговите изјави.
„Го немаме видено на патеката, а толку ни недостига! Господин 9.58!“ напиша еден коментар.
Други го поттикнаа да ужива во пензијата: „Ти го направи своето, и тоа на исклучителен начин… сега одмори и уживај во животот!“
Болт се повлече во 2017 година, по освојувањето на осум олимписки злата, откако на Светското првенство се повреди при штафетата 4×100 метри.
Во интервју за talkSPORT призна дека добил понуди за враќање со големи суми пари, но неговиот тренер Глен Милс го одвратил од таа идеја.
„Кога ќе се оддалечиш од спортот, почнуваш да го посакуваш. Ми текна да се вратам, но тренерот веднаш ме спречи во тоа“.
Иако му недостасува натпреварувањето, признава дека се откажал од враќањето кога се сетил колку напорно треба да тренира.
Коментирај анонимно