Утре завршуваат Олимписките игри во Токио, а еве ги резултатите на сите македонски спортисти
На 8 август ќе завршат Летните олимписки игри во Токио, Јапонија. На најголемиот спортски собир настапија осум македонски олимпијци, од кои последен беше борачот Магомедгаџи Нуров, кој за жал не успеа да освои медал. И покрај тоа ние сме горди на нашите претставници, а во продолжение ве покануваме да ги погледнете нивните резултати.
Стрелаштво

Борјан Бранковски на Олимпискиот турнир во спортско стрелаштво, во дисциплината воздушен пиштол 60, оствари резултат од 573 кругови (или по серии: 94, 93, 98, 95, 96, 97) и се пласираше на 21 место. Овој резултат е личен и национален рекорд остварен на Олимписките игри Токио 2020.
Пливање

Нашиот пливач Филип Деркоски настапи во дисциплината 400 метри слободно и се појави во првата квалификациска група на натпреварувачи составена од четворица учесници. На крајот Деркоски го освои последното четврто место со време 4:03.34 мин. Деркоски го надмина својот најдобар личен резултат за 76 стотинки, а ова му донесе 739 ФИНА бодови, што е убедливо најдобар резултат меѓу македонските пливачи според ФИНА табелата. Филип заврши на 36 место и дома си замина со нов личен рекорд.
Пливање

Најмладата македонска олимпијка, пливачката Миа Блажевска Еминова во дисциплината 100 метри слободно го освои првото место во втората квалификациска група со време 57,19 секунди, само шест стотинки послабо од нејзиниот личен рекорд. На крајот го освои 40 место од вкупно 52 пливачки.
Џудо

Арбреша Реџепи загуби во првото коло во категорија до 52 килограми против претставник од Велика Британија (Жил Челзи) со резултат 0:11.
Теквондо

Цела Македонија се гордее на историскиот настап на Дејан Георгиевски на кој што тој освои сребрен медал (втор во историјата на нашата земја на ОИ) во категоријата над 80 кг. Во првата борба го елиминираше светскиот шампион од Куба Алба Кастиљо со 11:8 за пласман во четвртфиналето. Потоа, со 9:4 беше елиминиран претставникот од Брегот на слоновата коска Гбане Сејду, а медалот го обезбеди со победата во полуфиналето против Ин Кјо Дон од Јужна Кореја (12:4). Во борбата за златото Георгиевски загуби од Владислав Ларин (Руски олимписки комитет) со 15:9.
Атлетика

Атлетичарот Јован Стојоски трчаше на 400 метри во четвртата квалификациска група заедно со светскиот рекордер Вејд ван Никер од Јужна Африка. Го освои претпоследното седмо место во својата група со време 46,81 секунди што е за една стотинка подобро од неговиот досегашен најдобар резултат. Заврши на 38 место од вкупно 48 натпреварувачи и дома замина со нов личен рекорд.
Карате

Каратистката Пулексенија Јовановска освои 23.80 поени за првата ката и уште 24 поени за втората ката, по што се извади просек од 23.90, кој на крај се покажа дека не беше доволен за да се помине првиот круг во групата. На крајот го освои претпоследното деветто место.
Борење

Борачот Магомедгаджи Нуров имаше одличен почеток на турнирот во борење во категоријата до 97 килограми слободен стил, откако во осминафиналето со 5:0 го совлада Саадуи Мохамед од Тунис. Во четвртфиналето се бореше против Ринерис Салас Перез, Нуров беше фаворит, но во борбата за пласман во полуфиналето загуби од Кубанецот со 6:4.
