Ве носиме на една видео прошетка во кичевското село Јудово, едно од најпатриотските села во Македонија
Името на селото првпат е споменато како „Јудово“ во XV век. Според едно предание, името Јудово го добило поради тоа што селаните од ова село некого предале, како што Јуда го предал Христос, па оттаму потекнува името на селото. Меѓутоа, има и друго предание по кое името Јудово го добило од името на селото Удово кај Дебар, од каде се претпоставува дека дошле првите доселеници во ова село.
Јудово, исто така, се смета за едно од старите села во Кичевско. Под истото име се сретнува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 17 словенско-христијански куќи.
Куќите во селото честопати биле палени. При борба околу 1880 година помеѓу поречките четници и Торбешите од кичевското село Другово, селото било запалено. Потоа повторно во 1903 година за време на Илинденското востание. Повторно било запалено во 1905 година од страна на арбанашкиот арамија Зулко, кој барал пари, но селаните не му дале. Во мај 1944 година, Јудово било запалено од страна на германските војници.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Јудово имало 250 жители, сите Македонци. Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители.
Роден во селото е Дуко Тасев (1858), македонски револуционер и војвода во Внатрешната македонска револуционерна организација.
Неговите јуначки дела останале до ден денес да се прераскажуваат, величат, паметат. Убиството на највлијателниот и најбогатиот Турчин во целиот Битолски вилает, Адреман-бег, како и на прочуениот спаијата Ремко од селото С’лп, биле само дел од јуначките потфати од богатата револуционерна дејност на војводата Тасев. Бил долгогодишен соработник и другар на Питу Гули, со кој заедно биле на заточеништво во Дијарбекир, Мала Азија. Починал во Софија, во 1943 година, на 85 годишна возраст.
„Стар сум, веќе, на осумдесет години и по малку слеп. Жалам за мојата бујна младост и ми е тешко што после толку маки, жртви и страдања, нашата убава мајка Македонија, сè уште е под туѓа власт. Но, Господ гледа и македонската вистина ќе надвладее над сè.“ — Дуко Тасев (Софија, 1937 година).
Muchas gracias. ?Como puedo iniciar sesion?
Коментирај анонимно