Вечната мистерија зад првиот Македонец кој го освои врвот на светот на денешен ден

Димитар Илиевски – Мурато, име кое долго ќе се памети. Овој македонски алпинист е првиот Македонец што го освои Монт Еверест. Тој успеа да се искачи на врвот на 10 мај 1989, но среќата за успехот за жал кратко траела, патот за назад станал последното почивалиште на овој храбар човек.

Поминаа 32 години откако никој повеќе не го виде лицето на Диме, човекот кој покрај врвот на светот се искачи и на многу други врвови, како Монт Блан (4808м), Матерхорн (4478м), Дуфоршпиц (4634м), Јужниот (6768м) и Северниот врв на Хуаскаран, Пик Комунизам (7495м), Јужното Седло на Манслу (7350м) и многу други експидиции по кои ќе биде запаметен.

Што го спречи Диме „да се врати“ дома?

Сите знаат дека патот кон Монт Еверест е „масовна гробница“ затоа што доколку некој почине во близина на врвот многу е тешко да се дојде до телото и да се врати на семејството. Само дозволата која била потребна од непалската влада чинела 70.000 долари и за неа се чекало со години, а исто така се организа и специјална експедиција. Потоа телата се носат на височина од околу 4.000 метри, каде што се палат, а пепелта се доставува до семејството, доколку се знае идентитетот на алпинистот. За жал Диме, засекогаш остана да „спие“ под снежната покривка на врвот од светот.

За тоа како починал сѐ уште не е разјаснето бидеќи сите велеле дека бил во одлична форма тој дел. По 15-часовно искачивање на истиот ден заедно со него се искачиле и словенечкиот алпинист Виктор Грошељ, хрватскиот алпинист Стипе Божиќ и шерпасите Сонам и Аџива. Се верува дека застанал за кратко да го почека Стипе, кој имал проблеми со светилката, но заспал.

Дали некој го виде телото на Диме?

Она што ќе остане вечна мистерија е тоа каде е неговото тело? Постојат неколку верзии за каде може да се наоѓа телото на Димитар. Американскиот алпинист Скот Фишер прв изјавил дека го видел телото на Диме на височина од 8.200 метри. Тој велел дека дури се обидел да го „разбуди“ затоа што телото било од недамна замрзнато и дека станувало збор за бел маж со брада.

Иако сите првин поверувале во оваа приказна, дури и самиот Фишер, подоцна било заклучено дека ова не било телото на Диме туку еден од петте алпинисти од тогашната Чехословачка кои загинале неколку месеци пред тоа во една голема снежна бура.

Телото на Диме било пронајдено од Курт Стив, алпинист од Австрија, кој не успеал да стигне до врвот поради лошото време. Тој дури и се познавал со Диме затоа што минале заедно една недела во кампот. Курт го фотографирал телото како доказ дека тоа навистина е тој. Денес се претпоставува дека неговото тело се наоѓа на височина од околу 6.800 метри.

Во 2007 година под Монт Еверест кај глечерот Кунгу е поставена спомен плоча во чест на Димитар Илиевски-Мурато, која ја посетил и неговиот син, кој денес е исто така искусен планинар инспириран од неговиот татко. На ова место се поставени повеќе спомен плочи во чест на сите луѓе кои ги загубиле своите животи во обид да го достигнат „врвот на светот“.

Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.