Видое Подгорец, човекот кој од сиромаштија се впушти во писателските води и ни подари насмевки во детството

Не сите херои од историјата користеле оружје и се бореле во војни, некои едноставно оставиле огромно богатство зад себе кои ќе служи на безброј генерации. Видое Подгорец бил токму таков човек. Роден на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино, Видое немал луксузен живот.

Иако растел во сиромашно семејство неговата желба за образование била поголема од сиромаштијата. Тој завршил основно училиште во родното село, а на само 16 години почнал да работи како учител. Поради сиромаштијата, не бил во состојба редовно да ги следи предавањата на Скопскиот универзитет, па затоа, студирал како вонреден студент. Повторно ниту ова не го спречило да си го заврши образованието. Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска книжевност.

Тој потоа се вработил и во „Нова Македонија“, т.е. во редакцијата „Детска радост“, како уредник на детските списанија „Другарче“ и „Наш свет“.

Но, по што најмногу го паметиме овој писател?

Иако тој има напишано огромен број на книги за деца и возрасни и поради тоа се смета за еден од најплодните македонски писатели, луѓето дури и да го заборават името на писателот никогаш нема да го заборават името и содржината на книгата: „Белото циганче“.

Во 1966 година, за романот „Белото циганче“, Подгорец добил две награди: наградата „Младо поколение“ за најдобра детска книга во Југославија, како и втората награда на конкурсот за роман на „Детска радост“. Оваа книга стана многу популарна и задолжителна за децата во основното образование.

ТВ серија која го собираше семејството пред телевизорот

На 13 септември 1984 година беше премиерата на серијата Белото циганче адаптирана според романот на Видое Подгорец. Серијата имаше 7 епизоди кои траеле околу половина час и била емитувана од Македонската радио-телевизија. Исто како и во книгата во серијата се прателе животните авантури на Таруно (Рубенс Муратовски).

Ова момче било оставено за време на војната во некое село. Додека бегале од окупаторот, група Роми го пронашле детето и го одгледале. Бидејќи не било слично на Ромите го добило прекарот „Белото циганче“. Таруно бил одгледан од Бабa Мулон, кој го научил како да ги почитува луѓето и да стане добар и умен човек.

Еве една од епизодите за оние кои би сакале да се потсетат на серијата „Белото циганче“.