Во Јапонија можете да си ИЗНАЈМИТЕ пријател за 100 долари дневно и тој ќе ви прави друштво во нормални, секојдневни активности без да отвори уста
Негово име е Шоџи, познат како „Човекот што не прави ништо“, и ако се најдете во Токио и сакате некој тивко да чита книга со вас во парк – тој е вистинскиот. Само, ако имате стотка вишок.
Идејата можеби звучи необично, но произлегува од сериозна тема – сè повеќе луѓе се чувствуваат осамено, особено по долгите периоди на изолација за време на пандемијата.
Понекогаш не ни станува збор за сериозен проблем – едноставно, ви треба некој да биде со вас додека пазарите… или додека ѕиркате во телефонот на сопругот.

Содржина:
Тој заработува не правејќи ништо
Патописецот Дру Бински објаснува на својот Јутјуб-канал дека Шоџи Моримото од Токио заработува за живот така што – не прави ништо. За 100 долари, можете да го „изнајмите“ за неколку часа, и тој ќе ве придружува каде и да посакате: во бар, во парк, дури и дома. Бински вели: „Иако ова беше едно од најчудните искуства што сум ги имал – концептот е навистина интересен“.
Тој и негов пријател, со помош на преведувач, се среќаваат со Шоџи на железничка станица. Го прашуваат каква храна сака, но тој најчесто само кимнува и молчи. Додека јадат удон тестенини, Дру дознава дека Шоџи има околу 1.000 клиенти годишно и дека бил првиот што започнал со ваков вид услуга – иако сега има и други што го имитираат.
Што е на менито на Шоџи?
Шоџи прифаќа речиси сè – освен романтични, сексуални или нелегални ситуации. Една жена, на пример, сакала тој да ја гледа додека јаде парчиња хартија исечени на големина на зрно ориз. „Ми беше смешно“, вели тој.
Во видеото, Бински објаснува зошто услугата е толку популарна: во Јапонија постои поимот „хикикомори“ – луѓе кои се повлекуваат од општеството поради осаменост или анксиозност. Изнајмување „другар“ можеби не е трајно решение, но барем е привремен лек за емоционалните празнини. А понекогаш, едноставно е забавно.
Понекогаш е подобро да седите со некој непознат, отколку сами
Во својата книга од 2023 година, „Изнајмениот човек што не прави ништо“, Моримото раскажува како еднаш бил ангажиран од жена што сакала тој само да ја набљудува додека ги проверува тајните профили за запознавање на нејзиниот маж. „Врескаше на секои 10 минути,“ пишува тој.
Со оваа работа, Шоџи заработува околу 80.000 долари годишно. Инспирирал и други – на пример, 25-годишната Изабела Епстин од Њујорк прави резервации во елитни ресторани и поканува непознати девојки преку интернет да им прават друштво.
Бидејќи – понекогаш е подобро да седите со некој непознат, отколку сами.
Полека и Македонија се претвара во Јапонија. Додуше да ја стигнеме, ќе треба уште едно 100 години, но идеме во тој правец… А кој е тој? Па јапонците се нација во изумирање поради се помалку склучување бракови и помалку деца. Од 2021 година дури имаат Министерство задолжено за осаменост и изолација кое се обидува да стекне подобро разбирање за природата на ова важно прашање и да развие политички одговори. Земја ултра богата, а со 20,000 самоубиства годишно… Во Македонија по 1.000 бебиња се раѓаат помалку годишно и продолжува…
Коментирај анонимно