Во колкава загуба е Македонија поради пожарите кои беснеат на нејзината територија?

Во новообјавениот извештај на јавното претпријатие „Национални шуми“ се вели дека минатата година штетата предизвикана од пожари била 80 милиони денари, но и дека има години кога таа била повеќе од 30 милиони евра.

Во врска со пожарите од 2020 од претпријатијето потврдуваат дека „Согласно електронскиот систем MKFFIS, преку статистичките листови кои ги доставуваат подружниците, и електронските месечни извештаи за реализирани активности на шумочуварската служба доставени до Секторот за заштита на шуми, надзор и внатрешна контрола, евидентирани се 102 пожари во текот на 2020 година, со вкупно опожарена површина од 1.233,92 хектари, а опожарената дрвна маса е 8.138 м3 при што е причинета штета од 81.071.150 денари. Во гасењето на сите 102 пожари учествувале 1.101 гасначи во екот на пожарите, од кои поголем број се вработени во ЈПНШ, а останатите се гасначи од други субјекти“.

Во 2019 загубите изнесувале 808.669.316 денари, а била опожарена површина од 15.675 хектари. Во 2017 година, земјата била во минус од 32 милиони евра поради пожарите евидентирани од „Македонски шуми“, а во 2015 година штетата надминувала 21 милион евра.

 „Следењето на настанатите пожари е преку електронскиот систем, односно преку статистичките листови кои ги доставуваат подружниците“, велат од „Македонски шуми“.

Во гасењето на пожарите и заштита на шумите најмногу учествуваат вработени во противпожарните единици како и вработени во јавното претпријатие и војската.

Покрај нив делуваат и од Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, под чија надлежност се противпожарните авиони за кои се испостави дека три години не биле сервисирани поради наводно поскапената цена на услугата од страна на странските оператори.

Штетите од овогодинешните пожари допрва треба да се утврдат.