Вооружен киднапер на училишен автобус ги ослободил децата откако „му се качиле на глава“

Злосторството се случи во Јужна Каролина во четвртокот, на 6 мај, кога вооружениот воен приправник Џован Колазо влезе во автобусот на меѓудржавниот автопат и побара возачот да се пренасочи кон блискиот град.

Осомничениот, облечен во маица со натпис „АРМИЈА“ на предната страна, се вели дека му рекол на возачот на автобусот „дека не сака да го повреди“ и им наредил на 18-те деца кои биле во автобусот да се префрлат на предниот дел на возилото. На снимката од инцидентот се гледа како осомничениот вика: „Затвори ја вратата, вози, вози!“

На прес-конференција по киднапирањето, шерифот на округот Ричленд, Леон Лот рече дека Колазо му наредил на возачот децата да останат во автобусот додека патувале кон градот, но воениот приправник, наводно, се фрустрирал кога децата почнале да бараат одговори од него.

Лот објасни: „Децата поставуваа прашања. ‘Дали ќе не повредиш?’ ‘Дали си војник?’ ‘Дали си возач на автобус?’ Значи, децата се однесуваа како деца. Мислам дека тоа додаде на фрустрацијата што ја имаше тој.“

Колазо, кој има 23 години, останал со децата шест минути пред да ги пушти и возачот да излезе од возилото, пренесува CBS News. Тој продолжи да вози уште неколку километри пред и тој самиот да го напушти автобусот и да проба да најде превоз во блиските населби.

Иако киднапирањето не траеше долго, Лот истакна дека за тие шест минути децата биле „трауматизирани“, додавајќи: „Шест целосни минути дека лошото момче било во автобус со пиштол“.

Бригадниот генерал Милфорд Бигл рече дека оружјето на регрутот „немало муниција, но оние што биле во автобусот не би го знаеле тоа“. Колазо бил приправник во Форт Џексон во Јужна Каролина и се вели дека ја прескокнал оградата во обид да се врати дома.

Колазо беше уапсен по киднапирањето и е обвинет за 19 точки за киднапирање, вооружен грабеж и неколку други кривични дела.