За да имате инспиративен викенд оваа недела бидете дел од Анимакс Скопје Фест
Под мотото „Од дел до цел“ ќе се одржи деветото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови Анимакс Скопје Фест. На него ќе бидат прикажани 40 анимирани филмови во официјалната програма и 10 анимирани филмови се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 20 до 22 декември во Кинотека на Македонија.
Филмовите официјална конкуренција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, меѓу кои најголем број од Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други.
Овогодинешната жири комисија ја сочинуваат португалскиот аниматор Фернандо Гарлито, бугарската аниматорка Радостина Нејкова и македонскиот уметник Горан Трифуновски – Пајак.
Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.
Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 21 и 22 декември (сабота и недела) со почеток во 14.00 и 16.00 часот во сабота и 12.00 часот во недела. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.
Во рамки на фестивалот ќе биде организирана работилница за анимација наменети за деца „Џвакај и анимирај“ во која група деца под менторство на искусни едукатори и аниматори со помош на мастиките Чунга Лунга ќе изработат цртан филм во техниката стоп анимација со необичен материјал – гуми за џвакање.
Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.
Анимакс Скопје Фест е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.