За прв пат во светот – златно рипче старо 17 години беше оперирано од смртоносен тумор

Ветеринар драматично спасил 17-годишно златно рипче, кое било болно од смртоносен тумор.

 

 

 

Ветеринарката Емер О’Рајли ја извела „првата од ваков вид“ операција, за отстранување на израстокот од лицето на саканото рипче Мерлин. Загрижени за својот миленик кој не можел да се храни и имал грутка покрај левото око, сопствениците го однеле Мерлин во „MyVet“ клиниката во Лукен, Даблин.

На Мерлин му била дадена општа анестезија, по што ветеринарката Емер внимателно го отстранила туморот. Таа изјавила: „Загрижениот сопственик мислеше дека ќе мора да го успиеме, но ја спомнавме опцијата за отстранување на израстокот. Ова беше наш прв случај на општа анестезија на рипче, што беше голем предизвик. Го префрлавме Мерлин во различни бањи со вода со различни нивоа на анестетик, што конечно му помогна да заспие“.

 

 

 

О’Рајли додала дека туморот зафаќал голема површина, па не можеле целосно да го отстранат, но сега Мерлин може нормално да се храни. По операцијата, тој се опоравил и истата вечер веќе бил во нормална состојба.

 

 

Мерлин е сакан миленик во домот на Ајлин Линч, а особено го обожаваат нејзините деца и внуци. Внучката Шивон Линч изјавила: „Многу се загриживме кога туморот му пречеше на Мерлин да гледа и да стигне до храната на дното од аквариумот. Не знаевме дека може да се изврши операција на златно рипче и нѝ олесна кога дознавме дека има надеж“.

Таа додала дека Мерлин има „карактер“ – го препознава семејството кога му приоѓаат до аквариумот и изгледа како да комуницира со нив.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *