Заборавената населба од античкото време во Кратовско раскажува многу за нашето минато

Дали сте слушнале за Транупара? Градот се среќава обележан на Поинтингеровата карта (Tabula Peutingeriana) на Римското Царство изработена од римскиот картограф Касториус. Но, она што е интересно е дека можеме да го доживееме градот и денес доколку ги посетиме неговите остатоци во археолошкото наоѓалиште Големо Градиште кај селото Коњух, Кратовско.

Ова е многу редок пример на град подигнат кон крајот на 5-ти почеток на 6-ти век на територија на провинцијата Дарданија. Според неговото значење се наоѓа зад локалитот Стоби затоа што има толку многу работи кои можат да се откријат во Транупара.

Во Коњух откриена е ранохристијанска црква со должина од 33 метри и широчина од 15 метри, а од другата страна е лоцирана кружната црква и плус има уште една помала црква од времето на Јустинијан. Големиот број на цркви укажува дека населбата порано била епископско седиште во овој дел на Балканот. Имало и ранохристијанска крстилница што значи дека во неа се вршело масовно крштевање, не само на бебиња туку и на возрасни.

Од 2005 година наваму, систематските истражувања продолжуваат на северната стамбена тераса, каде беа откриени два големи резидецијални комплекси. Резултатите од истражувањата даваат важни податоци и заклучоци за урбанизмот во овој регион, а поконкретно за ретките новоформирани градови од Доцната Антика. Црковната архитектура е од исклучителна вредност, не само за овој локалитет и територијата на нашата земја, туку и пошироко – за целиот Балкански Полуостров.

За жал ова место сѐ уште не е развиено во туристички центар и можно е да потоне целосно во заборав ако не се преземе нешто.