Застрашувачки систем што може да направи хаос во светот за 30 минути: Асот на Русија „Мртва рака“ ги штити од нуклеарен напад

Руската Федерација е најголемата нуклеарна сила, поради што од нејзината инвазија на Украина на 24 февруари, продолжија дискусиите за нуклеарна војна. Нејзиниот нуклеарен арсенал е под контрола на „Периметар“, систем кој може самостојно, без контрола од човечка рака, да лансира нуклеарни боеви глави.

Откако ќе се вклучи, Периметар може да лансира нуклеарен арсенал дури и откако Русија ќе биде нападната и откако нема да остане никој кој би можел да изврши напад. Тоа е резултат на доктрината од Студената војна според која нападот од едната страна ќе обезбеди целосно уништување на сите други страни.

Овој систем на Запад го нарекуваат и „Мртва рака“, објаснува порталот Military. Го мери нивото на комуникација на воените фреквенции, радијацијата, воздушниот притисок, температурата и краткорочните сеизмички нарушувања. Откако овие променливи ќе достигнат одредено ниво, „Мртва рака“ започнува процес кој ќе резултира со лансирање на сите руски интерконтинентални балистички ракети.

Ќе биде лансирана и ракета со радио предавател во боевата глава, која автоматски ќе ги извести руските нуклеарни силоси за наредбите за лансирање. Таа ракета би летала низ цела Русија.

По неколку тестови за да се утврди дека системот работи, „Мртва рака“ беше пуштена во употреба во 1985 година. Советскиот Сојуз никогаш официјално не потврди дека постои, но рускиот генерал Сергеј Каракаев го стори тоа во 2011 година. Тој додаде дека САД може да бидат уништени за 30 минути.

Слична технологија постои и во САД. Во делови од Америка се користат сензори за радијација и сеизмички нарушувања. Сепак, наводно нема механизам кој автоматски би одговорил на напад. Наместо тоа, САД обезбедија дека во случај на напад, поединците кои имаат авторитет и способност да започнат контранапад ќе преживеат.

Неколку дена по инвазијата на Украина, рускиот претседател Владимир Путин нареди руските нуклеарни сили да се подигнат на високо ниво на подготвеност. Руското Министерство за одбрана тогаш објави дека руските стратешки ракетни сили, Северната и Пацифичката флота, како и авијацијата со долг дострел (т.н. нуклеарна тријада) започнале борбени задачи со засилени сили.