Жена поднела барање за развод, откако ChatGPT ѝ кажал дека сопругот ја изневерува
Брачна двојка од Грција доживеа необична семејна криза поради прекумерна доверба во популарниот чат-бот ChatGPT. Сѐ започнало како невина забава – сопругата фотографирала остатоци од кафе во чашите и ги испратила на ChatGPT со барање за анализа. Неочекувано, ботот тврдел дека нејзиниот сопруг ја изневерува со жена чие име почнува на буквата „Е“, и отишол чекор подалеку – тврдејќи дека таа жена има намера да го уништи нивниот брак.
Иако сопругот ситуацијата ја сфатил како шега, сопругата ја прифатила пораката сериозно и веднаш покренала постапка за развод. За само неколку дена, тој добил официјални документи од адвокати, и покрај неговите обиди да ја увери во својата верност.
До каде се границите?
Адвокатот на жената нагласил дека изјавите од вештачка интелигенција немаат правна важност и не претставуваат докази за неверство. Сепак, сопругата била длабоко уверена во веродостојноста на информацијата. Според сопругот, таа и претходно се интересирала за астрологија и консултации со гатачи, но подоцна се откажала од таквите практики. Сепак, интеракцијата со ChatGPT повторно ја поттикнала нејзината доверба во слични „пророчки“ методи.
Настанот предизвика бурни реакции во грчката јавност, отворајќи дискусија за границите на технологијата и потребата од критичка анализа на добиените информации. Случајот служи како предупредување за тоа колку лесно вештачката интелигенција може да биде погрешно сфатена или злоупотребена, особено кога се меша со лични уверувања и емоции.
Коментирај анонимно