Жител на Вухан ја раскажува вистината за коронавирусот и бара помош од светот

Еден жител на Вухан и покрај сите проблеми да се објават онлајн информации од градот под карантин Вухан успеа да допре до јавноста и неговото видео-обраќање заврши на интернет. Младото момче раскажува како тие се целосно отсечени од светот.

Во Вухан повеќе не функционира целосниот систем за транспорт, јавниот превоз, ниту пак бензинските пумпи. Момчето се прашува како во итен случај некој од нив би можел да дојде до болницата или било каква помош доколку сите средства што би можеле да ги однесат до таму повеќе ги нема.

„Да се јавите на итната служба 120, можете да се обидете, но нема да ги добиете. Секогаш се зафатени.“, вели тој во видеото. Исто така посочува дека дури и да успее некој да стигне до болницата, доколку се сомнева дека го има вирусот ќе треба да чека ред, најчесто со часови додека да биде прегледан од медицинско лице, со што доколку не е заразен може да се зарази, или пак да зарази други лица.

Тој исто така посочува дека владата не им кажа да се заштитат на време: „Сега ќе зборувам за нешто што го видов со свои очи. Еден ден пред Вухан да биде ставен под карантин, како и пред 22-ри, во целиот град Вухан, немаше многу луѓе кои носеа маски. Имаше еден куп луѓе кои се шетаа без маски… Што по ѓаволите правеле градоначалникот на Вухан и секретарот на партијата? Како локални владини лица, зарем не примиле никакво известување? Ако навистина примиле информации од прва рака, зошто не преземаа некакви мерки?… Зошто веднаш не нѐ поттикнаа да ставиме маски?“

Човекот вели дека ситуацијата моментално е подеднакво лоша како САРС во 2003 година, ако не и полоша. Тој раскажува дека негови пријатели кои работат во болниците му кажале дека на пациентите им даваат само противинфламаторни лекови и на некој начин ги „оставаат да умрат“. Исто така доколку немаат средства за да проверат дали некоја личност го има вирусот, едноставно им велат на луѓето да одат дома и да се „изолираат“.

Градот Вухан од современ, мирен град, со 11 милиони жители се претворил во пеколен затвор, од кој секој се моли да излезе жив и здрав. Тој ги моли сите Кинези и луѓето од светот да се стават во „чевлите“ на граѓаните на Вухан и да им помогнат на било каков начин.