Жителите на Шпанија во очекување на екстремно невреме: Ги обвиткуваат автомобилите во најлони и ги врзуваат за столбови

Луѓето во некои делови на Шпанија започнаа целосно да ги обвиткуваат своите автомобили во пластика и да ги врзуваат за столбови пред уште едно најавено „екстремно“ невреме.

Во последните неколку недели, јужните делови на земјата беа погодени од невообичаено силни дождови, кои предизвикаа голема штета на имотот – вклучувајќи и автомобили – и загуба на стотици животи. Со прогноза за уште поинтензивни врнежи, некои жители на Малага решиле да преземат мерки претпазливост – така што ги заштитиле своите возила со пластична фолија и ги врзале со јажиња за столбови.

На една фотографија споделена на социјалната мрежа X, порано Twitter, се гледа сив Мерцедес врзан за столб со јажиња и обвиткан со пластика. Корисникот кој ја објавил сликата напишал: „Во Малага, Шпанија, има црвено предупредување за можна изолирана депресија на високи нивоа (ДАНА) како онаа што се случи во Валенсија, при што загинаа повеќе од 250 луѓе и десетици се водат за исчезнати. Некој немаше подобра идеја од ова за да го ‘заштити’ својот автомобил…“

DANA е акроним за „Depresión Aislada en Niveles Altos“ или изолирана депресија на високи нивоа. Овој метеоролошки феномен е познат и како „ладна капка“. Се случува кога студен воздух на висока надморска височина се судира со топол и влажен воздух блиску до површината, предизвикувајќи интензивни врнежи, често во форма на силни поројни дождови и поплави.

DANA обично се појавува во јужните и источните делови на Шпанија, особено во пролет и есен, кога температурните разлики се најголеми. Овој феномен може да предизвика сериозни поплави и штети на имотот, поради што властите често издаваат предупредувања и превземаат мерки за заштита на населението.

Црвеното предупредување во Малага укажува на „екстремен ризик“ од „силни“ дождови, особено во периодот од 10 наутро до 11:59 навечер во среда, и ги опфаќа регионите Коста дел Сол, Гвадалорце и Аксаркија, според Olive Press.

На луѓето им е советувано да избегнуваат непотребни патувања, а училиштата низ целата провинција Малага се затворени.

Превентивни мерки најавени од регионалните власти на Андалузија вклучуваат „превентивна евакуација“ на жителите кои живеат покрај бреговите на реката Гвадалорце, особено оние во населбите Алора, Картама, Алхаурин де ла Торе, Пизара, Цералба и Малага. Ова се случува по катастрофалните поплави во Валенсија, каде еден ирски иселеник кој помагал во чистењето го опиша ужасот по повлекувањето на водата.

Бенен Ван, 27, кој работи во корисничка служба во банка, бил шокиран од она што го видел кога се повлекле водите – глетка која ја опиша како сцена од постапокалиптичен филм, полна со расфрлани автомобили, уништени детски игралишта и, за жал, жртви.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *