Живееш ли за себе – или за туѓо одобрување? Скриената епидемија на нашето време
Покрај добро познатите „страв од пропуштање“ (FOMO) и „страв од подобра опција“ (FOBO), денес сè повеќе се зборува за уште една стресна појава – FOPO, што значи „страв од мислењето на другите“ (Fear of People’s Opinions).
Оваа состојба, според психолозите, е тивок, но опасен феномен кој значително го ограничува личниот развој и самодовербата кај многу луѓе – без тие воопшто да бидат свесни за тоа.
Што е FOPO и зошто е толку штетно?
Терминот FOPO е воведен од психологот Мајкл Жервеј, кој го нарекува „скриена епидемија“. Тој објаснува дека луѓето кои страдаат од FOPO „ја губат вербата во себе и нивниот учинок опаѓа“. Овој страв најчесто функционира како предвидувачки механизам — постојано бараме одобрување од другите со цел да избегнеме отфрлање.
Жервеј вели:
„FOPO е пред сè форма на хипербудност и социјална подготвеност — го скенираме светот околу нас во потрага по одобрување.“
Социјалните мрежи само го влошуваат проблемот — бидејќи таму секој бара валидација преку лајкови, коментари и следбеници. Наместо да се прашуваме „што е најдобро за мене?“, сè почесто размислуваме „како ќе изгледам во очите на другите?“, додава терапевтката Апарна Сагарам.
Примери за FOPO може да бидат:
• Претставување дека сте гледале серија или филм за да се вклопите во разговор,
• Смеа на шеги кои не ви се смешни,
• Анксиозност кога бавно нарачувате во кафуле додека има ред зад вас,
• Останување на работа само затоа што шефот сè уште е таму.
Првиот чекор за надминување на FOPO, според Жервеј, е јасно дефинирање на сопствената цел и вредности. Наместо да се прашуваме „дали им се допаѓам на другите?“, треба да се прашаме:
„Дали сум верен на мојата цел?“
FOPO троши огромна количина на енергија и ментални ресурси. И тоа често доведува до burnout (психичко и емоционално истрошување). Но, колку што сте поискрени со себе, толку е полесно да се чувствувате самоуверено и помалку зависни од туѓото мислење.
Коментирај анонимно