Животот нема реприза! Дејан Ѓуран, со дијагностицирана Паркинсонова болест, вози велосипед во авантура долга 1143 километри

Љубителот на природата, планинарот и алпинист од Хрватска Дејан Ѓуран се подготвува за велосипедска авантура која за многумина ќе послужи како мотивација и потсетување дека секој од нас има голема сила. Откако му беше дијагностицирана Паркинсонова болест, Дејан Ѓуран мораше да се откаже од намерата да ја помине рутата Виа Адриатика, првата долга патека од Камењак до Превлака која поврзува нереално убави делови од Хрватска. Наместо пешачење, Дејан реши да тргне со електричниот велосипед на патеката Виа Адриатика Бајк, велосипедската верзија на Виа Адриатика во април.

Како придружник на рутата, неговата партнерка Ана и синот Лука ќе се менуваат, а нивното патување ќе можат луѓето да го следат на страницата Живеење со Паркинсонова – возејќи велосипед. Планираниот почеток на возењето на Дејан е на 11 април, Меѓународниот ден на Паркинсоновата болест и не се сомневаме дека овој проект со големо срце ќе мотивира многумина и ќе поттикне што повеќе луѓе да се запознаат со Паркинсоновата болест.

„Својот работен век го посветив на семеен бизнис специјализиран за градежништво. Целиот мој живот го поминав активно, и на работа и во слободно време – планинарење, качување по карпи, возење велосипед по ридови. Сè започна во моментот кога во семејството пристигна првото куче, кафениот лабрадор Луна – таа е главниот виновник за мојата зависност од природата. Дневните лесни прошетки по Медведница набрзо станаа вистински и сериозни планинарски тури по Велебит и Алпите.“, вели Дејан.

Откако открил дека боледува од Паркинсонова болест, животот на Дејан се превртел наопаку, но тој не сакал да губи време во очај.

„Паркинсоновата болест е вистинска болест која ве тера да се откажете од себе. Тоа се всушност дегенеративни промени во делот од мозокот одговорен за производство на допамин – хемикалија која овозможува нормално движење. На сите им изгледате нормално, но мускулите ви се вкочанети, кога ги движите рацете имате треперење, а движењата ви се како во забавен филм. Кој не знае нема да забележи. Се разбира, зборувам за поблагите фази на болеста. Покрај овие примарни симптоми, се јавува и секундарни.“

„Не сум веќе многу млад, моите синови се млади. Пред пет години ги имав првите симптоми во форма на грчеви во нозете, вкочанетост на мускулите и тремор. Не им обрнував многу внимание затоа што сите старееме, нели? Но, симптомите брзо се влошуваа. Наскоро веќе не можев да потпишам. Поминав три години барајќи дијагноза, ги посетив сите можни државни и приватни специјалисти – никој не можеше да ми каже што е проблемот, никој не ми понуди задоволително решение. Сè додека не завршив со невролог, кој ме испрати на DATscan тест. И тоа беше тоа. Паркинсонова болест. Неизлечива и прогресивна.“, додава Дејан.

На прашањето што би им рекол на луѓето кои боледуваат од Паркинсонова или некоја друга болест која ги спречила на патот кон соништата, Дејан кратко и јасно ги кажал своите цели:

„Тргнете, сега и веднаш! Нема утре, само денес. Животот нема реприза.“