Зошто денес се слави големиот христијански празник Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста
Денес се празнува Воведение на Пресвета Богородица, празник познат меѓу народот како Пречиста. Овој назив совршено ја отсликува суштината на празникот, кој ја слави посветата на малата Марија во Ерусалимскиот храм.
Според евангелските сведоштва, праведните Јоаким и Ана долго време немале деца. Со голема верба и молитва го замолиле Бога да им дарува рожба, ветувајќи дека детето ќе му го посветат нему и ќе го однесат да му служи во храмот.
Набрзо им се родила Марија. Светото предание сведочи дека, бидејќи таа била измолена со солзи и ветена на Бога, нејзините родители одлучиле да ја одведат во храмот уште кога наполнила една година. Сепак, стравувајќи дека девојчето ќе плаче по нив, го одложиле тој чин додека да наполни три години. На таа возраст, држејќи се до своето ветување и чувствувајќи должност кон Бога, ја повеле Марија во храмот.
Поворката која три дена патувала од Назарет до Ерусалим била свечена. На чело оделе девојчиња облечени во бело, носејќи запалени свеќи. По нив оделе Јоаким и Ана, водени ја малата Марија за рака, а зад нив следеле многу роднини и пријатели. Невидливи за човечките очи, ангелите исто така ја придружувале поворката. Марија, облечена свечено и украсена како царска ќерка и Божја невеста, со радост го изодила патот.
Кога пристигнале пред храмот, ги пречекале свештеници предводени од првосвештеникот Захарие, пеејќи свечени црковни песни. Бидејќи храмот се наоѓал на возвишение, до него воделе 15 скали. Родителите ја оставиле Марија на почетокот од скалите, а таа со неочекувана сила и решителност, како да е многу повозрасна, се искачила со радост без да се сврти кон нив или кон насобраниот народ.
Првосвештеникот Захарие ја пречекал и, на општо изненадување, според Божјата волја ја внесол во „Свјатаја Свјатих“ – најсветото место во храмот.
Во чест на овој настан, Црквата го востановила празникот Воведение на Пресвета Богородица, кој се одбележува на 4 декември.
Овој празник го нагласува примерот на Јоаким и Ана, нивната верност на ветувањето и посветеноста кон правилното воспитување на нивното дете. Истовремено, тој ја истакнува важноста на родителската улога во воспитувањето на децата, за нивно разбирање на верата и заштита од лошите навики што ја уништуваат младината денес.
Жените го слават овој празник молејќи за лесно раѓање и успешно воспитување на децата. Тие што немаат деца, на овој ден со надеж се молат за благослов и рожба.
Коментирај анонимно