Зошто НАСА сака да изгради опсерваторија на другата страна од Месечината?
Радиотелескоп на Месечината? Да, ова не е научна фантастика, туку вистински план на НАСА. Според „Live Science“, инженерите од американската вселенска агенција веќе во 2020 година почнале да работат на идеја за поставување огромен радиотелескоп во кратер на спротивната страна од Месечината. Ако сè оди според планот, изградбата би можела да започне во 2030-тите години.
Целта на овој телескоп е да фаќа ултрадолги радио бранови – сигнали постари од 13 милијарди години, од ерата кога во Универзумот сè уште немало ѕвезди и галаксии. Ова е т.н. „Темниот век“ во космологијата – периодот веднаш по Големата експлозија, кога постоел само „смог“ од водород и хелиум.
Како ќе изгледа телескопот и зошто е важна Месечината?
Планот предвидува поставување жичана мрежа со дијаметар од 350 метри на дното на кратер на Месечината, обесена на кабли. Во центарот ќе има приемник што ќе ги собира сигналите. Иако првично се размислувало за структура широка дури еден километар, и оваа верзија е поголема од легендарниот телескоп Аресибо во Порторико, кој имаше дијаметар од 305 метри.
Зошто токму на спротивната страна од Месечината? Затоа што таа страна е природно заштитена од радио-пречките што доаѓаат од Земјата. Ултрадолгите бранови кои се од интерес едноставно не можат да се фатат од Земјата – атмосферата ги блокира. Дополнително, сè поголемиот број на сателити како Starlink создаваат визуелни и радиофреквентни пречки што ја отежнуваат модерната астрономија.
Локацијата на кратерот веќе е одредена – на северната хемисфера на Месечината, со дијаметар од 1,3 километри. Телескопот би се поставувал автоматски, со помош на специјални лунарни ровери.
Овој лунарен телескоп може да отвори сосема нова страница во истражувањето на Универзумот. Тој ќе помогне научниците да ги разберат најраните фази на космосот и можеби дури и да ги преиспитаат досегашните теории за неговото настанување и развој.
Коментирај анонимно