Зошто се вееше протестно оро пред Британската Амбасада во Скопје, на денешен ден пред 16 години?

Многу вести се објавуваат на дневна база, но некои настани остануваат и треба да останат запаметени затоа што такви моменти има само еднаш во деценијата па и поретко.

Битолскиот Ансамбл за фолклор, „Гоце Делчев, пред 16 години на 6 јули, 2005, го изрази својот револт за неправдата која им беше направена, на најфер и културен начин. Тогашните играорци добиле покани за настап на меѓународниот фолклорен фестивал во градот Ланголен. Но, постоел проблем. Тие иако добиле покани не добиле визи за настап на фестивалот и од амбасадата не им одобрувале. Така тие на денот кога требале да настапат на фестивалот решиле да си одржат „концерт“ пред амбасадата и да играат ора.

Понижување кое никој не го заслужува

Службениците од амбасадата барале „доказ“ дека станува збор за фолклористи и играорци и ги терале да им покажат дека знаат да играат, на високи температури во ходниците на амбасадата, им поставувале непристојни прашања и имале дрзок однос. На крајот тие не ги добиле потребните 35 визи за кои аплицирале. Визи не им биле доделени на неколку главни музичари и на кореографите.

Тие барале извинување од тогашниот амбасадор Роберт Диксон, но тој изјавил дека нема за што да се извинува. На членовите на друштвото кое тогаш имало 22-годишно искуство не им било јасно каков бил проблемот за да се пуштат сите да заминат во Англија.

По 40-минутниот културен протест пред амбасадата претседателот на ансамблот Стевче Пресилски бил примен од службите на амбасадата, на нивно барање, но не добил извинување, само заменикот-амбасадор Даг Греј му рекол дека му е жал што играорците се во Скопје, а не во Велс.

Почетоците на Ансамбл за фолклор, „Гоце Делчев датираат од 1983 година, кога бил основан од Зружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Ова не им било првото патување тогаш, тие настапувале низ Австралија, Германија, Шведска, Велика Британија, Австрија, Франција, Полска, Турција, Украина, Бугарија, Чешка, Албанија, Хрватска, Португалија, Шпанија, Египет и многу други земји.