12-годишна ученичка е примена во здружението Менса откако тестот за интелигенција покажал дека има повисок коефициент од Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг

Анвита Патил од Манчестер, постигнала оценка од 162, највисока можна оценка во нејзината возрасна категорија, ставајќи ја над научниците за кои се верува дека имале коефициент на интелигенција од околу 160.

Родителите на Анвита рекоа дека биле воодушевени од природната интелигенција на нивната ќерка додека растела. Нејзината мајка Ану, која има докторат по математика, рече: „Порано правевме математички предизвици заедно, но понекогаш јас не знаев да ја решам задачата, а Анвита знаеше. Таа размислува сосема поинаку, а ова е за работи што не се учат на училиште“.

 

Анвита положила два теста кога имала 11 години кои ги анализирале нејзината лингвистичка способност и странично размислување, како и нејзината визуелна и просторна свест.

Откако постигнала максимален резултат на еден од тестовите, таа се квалификувала да се приклучи на Менса, најголемото и најстарото општество со висок коефициент на интелигенција во светот, кое ги прифаќа само оние кои можат да докажат дека имаат IQ во првите два отсто од популацијата.

Нејзината мајка и нејзиниот татко, Џеј, консултант во NHS, рекоа дека не се изненадени што нивната мала ќерка се квалификувала за членство, но не знаеле дека таа ќе помине со највисок можен резултат. Но, детето гениј не го троши целото свое време решавајќи математички проблеми и ужива да свири пијано, како и да учи Бхаратанатјам – класична индиска танцова форма.

 

Џеј објасни дека неговата ќерка сака да ја искористи својата интелигенција за да помогне во решавањето на глобалните прашања.

Тој објасни: „Анвита е прилично фасцинирана од практичната примена на математиката во различни предмети, било да е тоа наука, инженерство или компјутери. Анвита се надева дека ќе помогне во решавањето на општествените предизвици користејќи ги своите вештини и искуство кога ќе порасне“.

 

Таа сега ќе им се придружи на 18.000 други членови на Менса во Обединетото Кралство и Ирска, која има за цел да обезбеди „стимулирачка интелектуална и социјална средина за своите членови“.

Основана во 1946 година во Оксфорд од Ланселот Лајонел Вер, научник и адвокат, и Роланд Берил, австралиски адвокат, организацијата ги охрабрува оние со жив ум да комуницираат едни со други на настани, состаноци или преку онлајн разговор. Од членовите се бара да го докажат својот коефициент на интелигенција каде што просечниот возрасен има коефициент на интелигенција од 100, а резултатот над 140 се смета за генијалец. Максималниот можен резултат е 161 за возрасни и 162 за под 18 години.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *