112 – број за итни случаи или бескрајна администарција? Скопјанка раскажува за обид за провала и апсурдноста на институциите кои треба брзо да реагираат

Жителката на Скопје, Вики К. на својот Facebook профил сподели вознемирувачко сведоштво за настан што се случил во раните утрински часови, додека нејзината ќерка била сама дома.

Според нејзината објава, драмата започнала во 02:09 часот.

„ Ќерка ми беше сама дома, а станот ни е на високо приземје, во централно подрачје во Скопје. Во 02.09 минути ми се јавува и со шепотење ми кажува дека на влезната врата се слушаат звуци и очигледно дека некој се обидува да провали внатре“, напиша таа.

Таа веднаш воспоставила постојан контакт со ќерката преку Messenger, а паралелно го повикала бројот за итни случаи 112.

Но наместо брза реакција, како што раскажува, следеле низа прашања.

„Се јавува операторот, му давам точна адреса, му кажувам што се случува, дека е итно и веднаш да прати полиција, ама… првин административни процедури! Не знам колку пати му ја кажав адресата, па име мое, па мој број, па име на ќерка ми, па нејзин број, па пак адреса, па од каде бил влезот, па каде поточно била зградата… При крај на трпение му се развикав веднаш да прати полиција на адресата оти е преитно, а после да ме бара и да растегаме администрација… Повикот траеше една минута и 47 секунди!“

Во 02:13 часот повторно ѝ заѕвонил телефонот — полиција била испратена.

„Во 02.13 ми ѕвони пак, пратил полиција, па да завршиме со административни детали… Ни сама не знам веќе што и како му кажав во тие моменти на избезуменост… Во меѓувреме, тропањето продолжува, јас ги бројам секундите и чекам полицијата да ми јави дека пристигнала на местото. Ако некој се нашол во таква беспомошна ситуација, знае какво е чувството. Тропањето си трае, минутите – години…“

Во еден момент, како што раскажува, куче почнало силно да лае пред влезната врата.

„Упорно, страшно лаење… И тропањето престанува. Најверојатно ‘провалникот во обид’ се исплаши и побегна.“

Полицијата пристигнала во 02:30 часот, односно околу 20 минути по пријавата.

„Во 02.30, значи точно по 20 минути од пријава ми ѕвонат од полиција, стигнале, бараат број од ќерка ми. Дваесет минути пат, не до населба надвор од градот, туку во срцето на Скопје, кога нема сообраќаен метеж…“

Таа наведува дека полицајците постапиле професионално, извршиле проверка на зградата, подрумите и околината и останале да патролираат во текот на ноќта.

Во својата објава таа упати остра критика кон начинот на постапување при повикот кон 112.

„Е сега, по овој настан, кога јас би била одлучувачки фактор во земјава, што би направила?
-Прво, под итно обука на вработените во 112, оти број за итни случаи значи итност од која зависат животи, административните растегања можат да чекаат! Тој кој им правел правилници на вработените, никогаш пенкало да не земе во рака и да си бара работа според интелектуален капацитет.
-Враќање на маалски полицајци во цела земја! Нема место за изговор дека нема доволно кадар, се полни сега буџет со глоби од несовесни возачи, може да си дозволи државата нови вработувања.
-Белото огромно куче- херој, кое и откако дошле полицајците се уште стоело пред влезна врата некое време, ако го најдам, ќе си го земам. Каде три, таму и четири кучиња можам да чувам.
-Еден закон, сите станари, без оглед дали е зграда или куќа, редовно да ги хранат маалските кучиња и да се грижат за нивна благосостојба. Таква е нивната природа, да бидат покрај луѓе, да чуваат. Нахранети кучиња кои никој не ги малтретира и задева, многу ретко се случило да нападнат. Едно парче леб да им дадете, тие знаат и памтат. Ете, и куче од улица знае кога нешто не е во ред и реагира“.

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *