Дали знаевте дека на 25 км од Скопје, во скопското село Дивље, има „ренесансно“ богатство?

Убавината предизвикана од уметноста и наследството може да биде толку силна, што буквално може да нè извади од рамнотежа. Во медицината, овој феномен е познат како Стендалов синдром, состојба кога концентрацијата на убавина на едно место е толку интензивна, што телото реагира со вртоглавица, забрзано чукање на срцето, па дури и дезориентација. Најчесто е документиран кај посетителите во Италија. Но, дали оваа сила е „резервирана“ само за Фиренца или Рим? Вистинското прашање е: дали сме свесни дека истата таа моќ постои и тука, во нашето наследство, само што ретко ја препознаваме?

Дали знаевте дека на 25 км од Скопје, во скопското село Дивље, има „ренесансно“ богатство?

Фреска стара повеќе од 400 години во малото село Дивље открива моќ и влијание

Оваа слика не е од Италија. Не е ниту од Франција. Оваа дама нѐ гледа од ѕидовите на една мала црква во село Дивље, на околу 25 км од Скопје. Насликана е пред повеќе од 400 години (1603/1604). Не го знаеме со сигурност нејзиното име. Но, знаеме дека била доволно влијателна и моќна за да биде овековечена како ктиторка.

Редок историски документ: преку ктиторката ја читаме историјата на жените, модата и моќта во 17 век

Ова не е само „убава фреска“. Ова е жив документ. Преку неа го читаме минатото: – каков накит се носел, – каква била модата и текстилот, – каков статус уживала жената во тоа време, – и како сакала да биде запаметена низ вековите.
Но, ова не е само реконструкција на изглед. Овој лик не ни кажува само како изгледала една жена од почетокот на 17 век. Таа отвора суштински прашања: – што значело да бидеш жена со статус во 1603 година, – каква моќ имала за да стане ктиторка, – и дали денес би ја препознале како „важна“?

Моќните жени од минатото честопати се заборавени бидејќи не знаеме да ги препознаеме нивната вредност и влијание

Прашањето е: Зошто ни е полесно да веруваме дека жените во 17 век биле само затворени домаќинки, отколку да прифатиме дека оваа жена имала повеќе моќ, пари и визија од повеќето луѓе денес? Токму тука е поентата што често ја пропуштаме. Проблемот не е во тоа што кај нас нема „доволно убавина“. Проблемот е што не сме научени да ја препознаеме.

Неправедниот третман на фреските – ако беа во некој светски музеј, ќе беа прогласени за ремек-дело

И еве уште едно неудобно прашање за сите нас: Ако оваа фреска беше изложена во некој светски музеј, веројатно ќе ја сметавме за ремек-дело. Дали нејзината вредност се намалува само затоа што е тука, на дофат од нас, во мала и тивка црква во која претпоставувам никогаш не сте биле, од причина што овој храм е малку познат надвор од научната јавност.
Автор: Василка Димитровска – Консултант, едукатор, раскажувач, тренер за интерпретација | UNESCO

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *