Дали знаевте дека на 25 км од Скопје, во скопското село Дивље, има „ренесансно“ богатство?
Убавината предизвикана од уметноста и наследството може да биде толку силна, што буквално може да нè извади од рамнотежа. Во медицината, овој феномен е познат како Стендалов синдром, состојба кога концентрацијата на убавина на едно место е толку интензивна, што телото реагира со вртоглавица, забрзано чукање на срцето, па дури и дезориентација. Најчесто е документиран кај посетителите во Италија. Но, дали оваа сила е „резервирана“ само за Фиренца или Рим? Вистинското прашање е: дали сме свесни дека истата таа моќ постои и тука, во нашето наследство, само што ретко ја препознаваме?

Содржина:
- Фреска стара повеќе од 400 години во малото село Дивље открива моќ и влијание
- Редок историски документ: преку ктиторката ја читаме историјата на жените, модата и моќта во 17 век
- Моќните жени од минатото честопати се заборавени бидејќи не знаеме да ги препознаеме нивната вредност и влијание
- Неправедниот третман на фреските – ако беа во некој светски музеј, ќе беа прогласени за ремек-дело
Фреска стара повеќе од 400 години во малото село Дивље открива моќ и влијание
Оваа слика не е од Италија. Не е ниту од Франција. Оваа дама нѐ гледа од ѕидовите на една мала црква во село Дивље, на околу 25 км од Скопје. Насликана е пред повеќе од 400 години (1603/1604). Не го знаеме со сигурност нејзиното име. Но, знаеме дека била доволно влијателна и моќна за да биде овековечена како ктиторка.
Редок историски документ: преку ктиторката ја читаме историјата на жените, модата и моќта во 17 век
Ова не е само „убава фреска“. Ова е жив документ. Преку неа го читаме минатото: – каков накит се носел, – каква била модата и текстилот, – каков статус уживала жената во тоа време, – и како сакала да биде запаметена низ вековите.
Но, ова не е само реконструкција на изглед. Овој лик не ни кажува само како изгледала една жена од почетокот на 17 век. Таа отвора суштински прашања: – што значело да бидеш жена со статус во 1603 година, – каква моќ имала за да стане ктиторка, – и дали денес би ја препознале како „важна“?
Моќните жени од минатото честопати се заборавени бидејќи не знаеме да ги препознаеме нивната вредност и влијание
Прашањето е: Зошто ни е полесно да веруваме дека жените во 17 век биле само затворени домаќинки, отколку да прифатиме дека оваа жена имала повеќе моќ, пари и визија од повеќето луѓе денес? Токму тука е поентата што често ја пропуштаме. Проблемот не е во тоа што кај нас нема „доволно убавина“. Проблемот е што не сме научени да ја препознаеме.
Неправедниот третман на фреските – ако беа во некој светски музеј, ќе беа прогласени за ремек-дело
И еве уште едно неудобно прашање за сите нас: Ако оваа фреска беше изложена во некој светски музеј, веројатно ќе ја сметавме за ремек-дело. Дали нејзината вредност се намалува само затоа што е тука, на дофат од нас, во мала и тивка црква во која претпоставувам никогаш не сте биле, од причина што овој храм е малку познат надвор од научната јавност.
Автор: Василка Димитровска – Консултант, едукатор, раскажувач, тренер за интерпретација | UNESCO

Коментирај анонимно