Научниците пронајдоа необичен начин да им помогнат на децата да го засакаат зеленчукот
Повеќето родители знаат колку е тешко да ги навикнеш децата да јадат зеленчук. Но неодамнешна мала студија открива дека бременоста може да биде пресудниот период за оформување на вкусовите кај децата. Научниците покажале дека децата чии мајки за време на бременоста јаделе одреден зеленчук – подоцна поретко реагирале лошо на мирисот или вкусот од истиот тој зеленчук кога ќе наполнат три години.

Содржина:
- Децата изложени на вкусови уште во утробата растат со помал отпор кон истите зеленчуци
- Ултразвук покажува: децата реагираат на вкусови пренесени низ плацентата, а ефектите траат и по раѓањето
- Тригодишните деца покажуваат помал отпор кон мирисот на зеленчук кон кој биле изложени во матката
- И покрај ограничувањата, научниците сметаат дека откритието заслужува понатамошно проучување
Децата изложени на вкусови уште во утробата растат со помал отпор кон истите зеленчуци
Истражувачки тим од универзитетите Дарам и Естон во Британија откриле дека наклонетостите и одбивностите кон вкусовите што се стекнуваат во утробата траат се до првата фаза во детството. „Она што го забележуваме е дека децата и понатаму се попозитивни кон зеленчукот на кои биле изложени во матката,“ вели психологот Надја Рајсланд од Универзитетот Дарам. „Можеме да заклучиме дека изложеноста на одреден вкус во доцната бременост може да создаде долготрајно сетилно или мирисно паметење кај децата, кое може да ги одреди нивните прехранбени избори и години подоцна.“

Ултразвук покажува: децата реагираат на вкусови пренесени низ плацентата, а ефектите траат и по раѓањето
Бебињата беа изложени на вкус на морков и кељ преку исхраната на мајките. На 32 и 36 недели бременост, со ултразвук се снимени лицата на фетусите по консумирање на капсули со концентрат од кељ или морков. Претходните резултати од 2022-та покажале дека фетусите реагираат на тие вкусови. Од околу 28 недели од бременоста, во последниот триместар, човечкиот фетус веќе може да ги вкуси и помириса супстанциите од амнионската течност што се пренесени преку плацентата од мајката.
Тригодишните деца покажуваат помал отпор кон мирисот на зеленчук кон кој биле изложени во матката
Истражувачите сакале да дознаат дали ваквите реакции продолжуваат и по раѓањето. На тригодишна возраст, 12 деца биле изложени на мирисот на кељ и морков преку памучни тампони, а реакциите биле категоризирани како „лице што плаче“ (негативна) или „среќно лице“ (позитивна). Децата генерално имале помал отпор кога биле изложени на оној зеленчук со кој се сретнале во утробата, додека кељот сепак предизвикувал повеќе негативни реакции, иако тие кај изложените биле значително помалку изразени.
И покрај ограничувањата, научниците сметаат дека откритието заслужува понатамошно проучување
Оваа студија има свои ограничувања, како малата бројка учесници и само една популација. Децата не јадеа храна, туку само мирисаа, а меѓувреме не се следеше друг вид изложеност кон одреден зеленчук. Сепак, резултатите се доволно охрабрувачки за следни пообемни и пофокусирани истражувања. Клучно е да се земат предвид сите фактори што влијаат врз прехранбените навики, како генетика, околина и култура. „Вкусните наклонетости и навики се последица на комплексно мешање на генетски, средински и културни фактори,“ пишуваат научниците. „Генетските разлики, на пример, се клучни за тоа како луѓето ги доживуваат различните вкусови и мириси, па така вродената осетливост може да ја намали или засили важноста на пренаталното изложување.“

Коментирај анонимно