Академик Катица Ќулафкова: Кога бришењето на сопствените корени станува „мода“
Стана „престижно“ да се омаловажуваат македонските историски личности, вклучително и Гоце Делчев. Историската свест како да е ставена на операционен стол за ампутација на чувствителните делови, а нив ги има.
Да кажат тие пациенти која нација – држава во Европа и Азија е создадена без контакт на историското со митското време? Секоја култна историска личност прераснува во мит. Митот тешко се претвора во историја, но и тоа се случува. Гоце е и историски факт, и култна личност затоа што со својата дејност за слобода и самостојност на Македонија и Македонците бил важен чинител на политичко и револуционерно созревање на македонската нација. Во исклучително тешки општествени околности, при услови на култура на предавства меѓу Македонците, за време на својот краток живот, убиен, жртвуван, тој дал најмногу што можел: станал олицетворение на македонството. И наместо да се релативизира неговиот придонес, треба да се промовира суштински неговото дело како увод во популаризација на една важна епоха за Македонија, Балканот и Европа… Еден поетски роман добивме од Зоран Спасов Зофф и се вознемирија некои духови. Романите на Димитар Талев, родум од Прилеп, кој ја опева исклучиво Македонија и македонската Идеја, дури и при сета редактура што ја претрпеле (особено биографската повест за Делчев, објевена за прв пат 1948 и политичкиот роман Ви ги слушам гласовите), ја покажуваат јасната хуманистичка и македонска свест на Гоце, а ние не сме ги превеле на македонски. На денешен ден барем нека замолчат современиците кои самите не знаат што се и кои им се корените, ама им се додворуваат на сомнителните (увезени) политики кои секоја година поткопуваат по некој дел од македонските темели.
Инаку, еве што вели ВИ за нациите, митот и историјата: „Да, европските нации се градени врз комбинација од историја, митови и идеализирани настани. Ова е добро документиран феномен во студиите за национализам и историографија. При формирањето на модерните европски држави (особено во 19. и почетокот на 20. век), историските факти често се преплетувале со митски личности, идеализирани настани и „измислени традиции” за да се создаде кохезивен национален идентитет.“

Катица Ќулавкова (Ката, според личната карта) е родена на 21 декември 1951 година во Титов Велес. Таа е книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, академик – редовен член на МАНУ.
Од нејзиниот докторат во 1984 година е вработена на Филолошкиот факултет во Скопје како професор по теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за општа и компаративна книжевност, и е на оваа позиција до денешен ден. Една година работи при Лекторатот по македонски јазик и литература во Париз на INALCO. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1978 година. Во 2003 е избрана за член на Македонската академија на науки и уметности.

Коментирај анонимно