Американската администрација за храна и лекови (FDA) го одобри првиот назален спреј за депресија
Назален спреј на база на кетамин официјално стана првата и единствена самостојна терапија достапна за третман на депресија отпорна на лекови во САД.
ФДА првично го одобри лекот на Johnson & Johnson, наречен Spravato (ескетамин), во 2019 година, но тогаш беше дозволено да се препишува само во комбинација со орален антидепресив.
По преглед на 31 клиничка студија од последните шест години, вклучително и неодамнешно испитување од фаза 4, агенцијата сега одлучи дека Spravato може да се користи како самостојна терапија.
Спрејот е наменет за возрасни лица со депресија кои пробале најмалку два антидепресиви без соодветно подобрување, како и за оние со големо депресивно нарушување кои имаат акутни мисли за самоповредување или самоубиство.
Според проценките, една третина од пациентите со депресија не покажуваат подобрување со орални антидепресиви, а иако Spravato не делува кај сите, за некои може да биде животно променлив.
„Веќе шест години сведочам за вистинското влијание што Spravato го има врз животите на пациентите“, вели психијатарот Грегори Матингли, кој беше дел од првичните клинички испитувања на лекот.
„Сега, кога е достапен и како монотерапија, здравствените работници можат подобро да ги прилагодат терапиите според индивидуалните потреби на пациентите.”
Клиничките испитувања од фаза 4 се спроведуваат откако лекот е веќе на пазарот за да се соберат дополнителни докази за неговите ефекти. Во 2024 година, Johnson & Johnson објави дека испитувањата на Spravato како самостојна терапија не покажале нови безбедносни ризици. Во споредба со плацебо спреј, Spravato се покажал како ефикасен, безбеден и добро поднослив при администрирање двапати неделно.
Кај некои пациенти, симптомите се намалиле за само 24 часа по првата доза. По четири недели, 22,5% од пациентите кои користеле Spravato постигнале ремисија, наспроти само 7,6% од оние кои примале плацебо.
Досега, Spravato им помогнал на повеќе од 100.000 пациенти во 77 земји, вклучително и околу 80.000 во САД.
Активната состојка на Spravato, ескетамин, обично се користи како анестетик. И ескетаминот и неговото родителски соединение, кетаминот, покажуваат потенцијал за лекување на одредени форми на депресија, но ескетаминот е два до четири пати посилен, што значи дека е потребна пониска доза.
Иако с’ уште не е целосно разјаснето зошто овие лекови делуваат како антидепресиви, познато е дека тие влијаат на глутаматот – најзастапениот хемиски гласник во мозокот.
Конвенционалните антидепресиви, пак, го зголемуваат нивото на серотонин, норепинефрин или допамин. Сепак, значителен дел од пациентите не реагираат на овие терапии, а кај оние што реагираат, ефектите не секогаш се доволно значајни или долготрајни.
За разлика од оралните антидепресиви, некои истражувања на животни покажуваат дека ескетаминот може да помогне во создавање нови мозочни врски и да го заштити мозокот од намалување на волуменот поврзан со депресијата.
Многу психоделични супстанции, како МДМА, ЛСД или псилоцибин, исто така, покажуваат потенцијал за „преповрзување“ на мозокот, но често предизвикуваат несакани ефекти, како халуцинации или чувство на отуѓеност, што ја отежнува нивната практична примена.
По примена на Spravato, пациентите може да почувствуваат поспаност, вртоглавица, проблеми со дишењето или чувство на оддалеченост, што обично кулминира по 40 минути и се намалува за два часа. Лекот може да ја наруши способноста за расудување и моторичките вештини, па затоа не се препорачува управување со автомобил или било каква машина до следниот ден.
Иако Spravato не е совршен, тој е првиот нов лек за депресија што ФДА го одобрила во последните децении.
„Депресијата отпорна на третман е многу сложена, особено кај пациенти кои не реагираат или не ги толерираат оралните антидепресиви. Предолго време, здравствените работници имаа малку опции за значително подобрување на симптомите на пациентите.“, вели невронаучникот Бил Мартин од Johnson & Johnson.
Коментирај анонимно