Банките се подготвуваат за хаос откако ВИ-агенти почнаа сами да се мешаат во парите на корисниците
Црните сценарија за потенцијална апокалипса предизвикана од вештачката интелигенција повеќе не се само екстравагантни предупредувања на неколку технолошки милијардери.
Најголемите светски финансиски институции, чии политики го диктираат глобалниот проток на капитал, почнаа сериозно да стравуваат од автономните системи со вештачка интелигенција. Во исто време, тие веќе подготвуваат вонредни планови за денот потоа, во случај на ненадеен пазарен колапс.
Според најновиот извештај на влијателниот портал Аксиос, водечките американски банки забрзано се подготвуваат за најлошото поради масовниот пораст на автономните ВИ-агенти кои управуваат со сметките на поединечни корисници.

Ботови добиваат целосен пристап до сметки и бараат префрлање средства без знаење на сопствениците
Главниот страв произлегува од фактот што корисниците им даваат целосен пристап на паметните ботови до своите финансии. Овие дигитални асистенти сѐ почесто повлекуваат потези што воопшто не им биле изречно наложени од луѓето.
Забележани се дури и бизарни случаи во кои автономните ВИ-агенти самостојно им се јавувале на телефонските контакт-центри на банките за да бараат промени на условите или префрлање средства во име на своите сопственици, без тие воопшто да знаат за тоа.
За гигантите како Морган Стенли, Банка на Америка, Џеј Пи Морган и Велс Фарго, ова прерасна во огромен безбедносен и правен ризик. Поради тоа, итно се воведуваат нови протоколи за заштита.

Торстен Слок предупредува на депозити што исчезнуваат преку ноќ, Џејми Дајмон бара безмилосна контрола
Експертите предупредуваат дека доколку банкарскиот сектор не успее навреме да ги контролира овие нови ризици, последиците можат да бидат погубни за целиот глобален економски систем.
Како што објаснува Торстен Слок, главен економист во инвестицискиот фонд Аполо, ВИ-агентите програмирани да го максимизираат приносот на парите во секоја милисекунда можат да повлечат огромен дел од евтините депозити на кои банките се потпираат за да даваат кредити.
Целиот современ комерцијален банкарски систем едноставно не е дизајниран да издржи толку агресивна, непрекината оптимизација во корист на потрошувачите. Доколку секоја машина постојано префрла пари онаму каде што каматата е барем за дел од процентот повисока, ликвидноста на банките би исчезнала преку ноќ.
Дополнително, финансиските аналитичари укажуваат и на опасната можност автономните модели целосно да изгубат контрола и да почнат да носат непредвидливи одлуки. Главниот извршен директор на Џеј Пи Морган, Џејми Дајмон, неодамна пред водечки економисти отворено изјави дека луѓето наивно претпоставуваат оти вештачката интелигенција секогаш ќе дејствува во нивен најдобар интерес, додавајќи дека оваа технологија не може да се запре, туку мора исклучително строго и безмилосно да се контролира.


Коментирај анонимно