Бесплатни курсеви по математика и информатика за ученици од цела Македонија: Отворени се пријавите за „Бистри Умови“
Четврта година по ред, „Бистри Умови – Bright Minds of Macedonia“ организира целосно бесплатни онлајн курсеви по математика и информатика, наменети за ученици од четврто одделение до средно образование од цела Македонија.
Годинава програмата е проширена и е приспособена на различни нивоа на знаење – од ученици кои ги прават првите чекори во математиката и програмирањето во C++, преку оние кои сакаат да се подготвуваат за натпревари, па сè до напредни програми за талентирани ученици кои имаат амбиција да стигнат до олимписко ниво.
Целта на програмата е талентираните деца да бидат препознаени навреме и секој мотивиран ученик да добие можност за дополнително образование и напредок, без оглед на тоа каде живее или какви се финансиските можности на неговото семејство.
Годинава следуваат и натпревари со вредни награди
Новина во програмата се завршните натпревари по математика и информатика. За учениците кои ќе освојат прво, второ и трето место се предвидени награди меѓу кои лаптопи, таблети, паметни часовници и други вредни подароци.
„Идниот македонски олимпијец можеби денес е дете кое само ја чека својата прва вистинска можност. Наша цел е да му ја дадеме. Да не дозволиме талентот да остане незабележан само затоа што детето немало пристап до дополнителна едукација“, порачуваат од „Бистри Умови“.

Пријавувањето е отворено
Заинтересираните ученици и родители можат да добијат повеќе информации и да се пријават преку официјалната страница на „Бистри Умови на Македонија“.
За дополнителни информации достапен е и контакт-телефонот 078 416 164.
Програмата и оваа година има цел да открие нови таленти и да им овозможи на учениците кои сакаат да учат повеќе да го развијат својот потенцијал – од првите чекори во математиката и програмирањето до учество на натпревари и олимпијади.








Коментирај анонимно