Брза храна под диктатура: Како Северна Кореја го доби својот еквивалент на Мекдоналдс

Кон крајот на 2000-тите, во Северна Кореја дојде до пресврт. Болниот Ким Џонг Ил го избра својот син, Ким Џонг Ун, за наследник на диктаторската династија. Младиот Ун беше познат по својата фасцинација со западната култура – видеоигри, поп музика, кошарка – и делуваше како симбол на потенцијални промени. Една од тие промени, иако неочекувана, беше – брзата храна.

 

Брза храна под диктатура: Како Северна Кореја го доби својот еквивалент на Мекдоналдс

Идејата за брза храна под надзор на диктатура

Во 2008 година, двајца сингапурски бизнисмени добија невообичаена понуда од своите партнери во Северна Кореја: наместо трговија со метали, да отворат ресторан за брза храна. По кратко размислување, ја прифатија идејата и во проектот се вклучи и Патрик Сох – сопственик на мал синџир ресторани во Сингапур наречен „Вафлтаун“.
Секако, сè беше под строг надзор на властите. Беше испратена специјална делегација да дегустира хамбургери, помфрит и пијалоци во Сингапур и – иако „тестот“ беше поминат – менито подоцна претрпе драстични измени за да биде „погодно“ за Севернокорејци.

Идејата за брза храна под надзор на диктатура

Ресторан со брза храна… но по севернокорејски терк

 

По одобрувањето, започнаа подготовките за отворање на првиот ресторан. Опремата беше увезена, но состојките како месото и лепчињата беа домашно произведени за да се зачува „националниот карактер“. Вработените поминаа обука во Сингапур, но менито беше прилагодено – западните салати беа заменети со кимчи, а хамбургерот беше преименуван во „мелено месо со леб“.
Дополнително, во менито беа вклучени и локални пијалоци, како пивото Тедонганг. Сè беше внимателно дизајнирано – но со многу севернокорејски специфики: без самопослужување, без брза подготовка (чекањето траело до 30 минути), и со келнери кои ги носат нарачките до маса.

Ресторан со брза храна... но по севернокорејски терк

Самтесун – симбол на новото време (и привилегија за богатите)

Првиот ресторан беше отворен во центарот на Пјонгјанг, во забавниот парк Каесонг. Наречен „Самтесун“ – што значи „Три големи ѕвезди“ – ресторанов набргу стана атракција. Прво за странците, потоа и за љубопитните (и финансиски способни) локални жители.
Посетата на Самтесун се доживувала како настан. Луѓето се восхитувале на западниот дизајн, хартиените и пластичните садови, и идејата за јадење со раце – нешто сосема ново за севернокорејското општество.

 

Со текот на времето, бројот на локации се зголеми, и до 2020 година имало барем пет целосно функционални ресторани Самтесун и десетици места за храна за носење. Менито се ажурирало месечно и нудело сè – од вафли до „севернокорејска кола“. Сепак, иако цените биле пристапни за странци, за просечен Севернокореец, едноставен бургер претставувал половина дневница – па одењето во „брза храна“ останувало луксуз.

 

 

 

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *