Бугарски историчар обелодени: Бугарија ѝ дала на Грција вредна реликвија од Охрид – „Како таа заврши во Солун?“
Бугарскиот новинар и историчар Горан Благоев обелодени спорен детал од договорот меѓу Бугарија и Грција за размена на историски и црковни реликвии. Според него, меѓу предметите што Бугарија ѝ ги предала на Грција се нашла и вредна моќехранилница која воопшто не потекнува од грчка територија, туку од Охрид.
Станува збор за кутија во која се чувале мошти на светителка, која, според Благоев, припаѓала на црквата „Св. Богородица“ во Охрид и била однесена во Софија за време на Првата светска војна. Спорно е што размената со Грција се однесувала на предмети однесени од цркви во Серско и Драмско, додека оваа реликвија, како што тврди историчарот, е поврзана со Охридската архиепископија.
„Како меѓу предметите што Бугарија ѝ ги даде на Грција од Драмско и Серско, во музејот во Солун се најде и моќехранилница од… Охрид?! Зошто бугарската јавност не дозна што конкретно ѝ вративме на Грците?“, праша Благоев, барајќи објаснување од бугарските институции.
Тој подоцна и во гостување во бугарските медиуми повторил дека предметот потекнува од Охридската архиепископија, а не од грчка црква. Доколку неговите наводи се точни, тоа би значело дека реликвија однесена од Охрид за време на Првата светска војна сега завршила во Грција како дел од договор меѓу Бугарија и Грција.

Коментирај анонимно