Читањето е безвременска навика: Јубилејно 35 издание на Меѓународниот саем на книгата со богата програма од 4-ти до 10-ти мај
Доколку ги рангираме и разгледуваме најздравите навики, коишто може да ги поседува модерниот човек, која би била на прво место? Во дигитално доба со намален фокус и примање на информации, најздравата навика на човекот дефинитивно би требало да биде токму читањето. Но зошто само модерниот? Читањето е и би требало да биде бeзвременска навика во секоја претстојна година, декада, век. Главната причина? Читањето нѐ прави луѓе.
Можеби најочекуваната културна манифестација во земјата, чија главна цел е славење на убавината на пишаниот збор, а и создавањето на бесконечен број на светови со моќта на јазикот, – и тоа од страна на голем број домашни, а и странски автори, е секако Саемот на Книга. А оваа година се одржува неговото јубилејно 35 издание.
Првиот саем на книгата во Скопје е одржан во далечната 1989 година и до денес саемот нема прекин. Тоа е единствениот саем кој ѝ пркосеше на пандемијата.

Организаторот, Скопски Саем, најавува богата седумдневна програма со над 60 издавачки куќи, а се очекува бројот на посетители да се искачи и до 30.000, како пред пандемичниот период. Цената на редовна влезница ќе изнесува 80 денари, а 50 денари по лице ќе изнесува цената за организирани групи ученици. Додека пак за семејствата со деца, децата ќе влегуваат бесплатно.
Билетите ќе бидат достапни за купување на влезот на Арена – Борис Трајковски, но секако, – и за сите љубители на дигиталните услуги, сите заинтересирани ќе можат да ги набават своите билети за саемот и онлајн преку Karti.com.mk: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2023.nspx

Во рамките на неколкудневната програма, се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори, со промоција на нови книги во официјалниот Промотивен центар во Арената, а секако и на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги.
Тоа што организаторите успеаја да го направат оваа година, заедно со техничкиот дел е целосно саемско уживање. Нема да се гледаат седиштата и нема да се чувствувате дека сте во арена.

Една од главните цели на годинешното јубилејното 35. издание на Меѓународниот Саем на книга е одбележување на важноста за зачувувањето на мајчиниот македонски јазик, како главен идентитет на народот, а за истото, програмата на Саемот ќе се фокусира и на активност и програма која ги слави познатите легенди, кои имаат оставено значителен печат во македонската книжевност. На 5 мај, во петок, во 12:00 ч. ќе биде организирана трибина во организација на Македонската асоцијација на издавачи по повод Денот на македонскиот јазик.
А покрај тоа на саемот ќе има повеќе од 60 настани, промоции, средби со автори, дискусии и други активности. За децата ќе има креативни работилници како и дружба со Стела, Сани, Биби.
Саемот на книга 2023 ќе трае од 4ти до 10ти мај 2023 година, во Арена – Борис Трајковски во Скопје, секој ден од 10:00 до 20:00 часот, а на 10.05.2023 година, саемот ќе биде отворен сѐ до 18:00 часот.
Исто така саемот има доставено барање до ЈСП за да има вонредни автобуски линии до арената Борис Трајковски и се очекува дека тоа барање ќе биде одобрено.
Покровител на Саем на книга традиционално е Министерството за култура.
За сите дополнителни информации во текот на претстојниот саем, следете го Скопски Саем на www.skopskisaem.mk и на @skopski.saem на Instagram и Скопски саем – Skopski saem на Facebook.
Мирисот на нова книга ја најавува пролетта.

Пред појава на интернетот, купував по неколку книги годишно! Но, сега веќе немам живци да ги читам! Но, го посетувам секој Саем на книгата и купувам по 1 книга (со години или децении беа?).
Коментирај анонимно