Чуден метал од вселената пронајден во куп античко богатство
Меѓу сјајните златни артефакти од Иберискиот бронзен период, два кородирани предмети можеби се највредните од сите.
Истражувачите откриле дека една нараквица и шуплива, зарѓана полутопка украсена со злато не се направени од метал ископан од земјата, туку од железо што паднало од небото – од метеорити.
Ова откритие, предводено од поранешниот раководител на конзервацијата во Националниот археолошки музеј на Шпанија, Салвадор Ровира-Љоренс, беше објавено минатата година и сугерира дека металуршките техники во Иберија пред повеќе од 3.000 години биле далеку поразвиени отколку што се мислеше.
Сокровиштето од Виљена, збирка од 66 претежно златни предмети, беше откриено во 1963 година во денешен Аликанте, Шпанија, и се смета за едно од најзначајните примери на бронзеновековно златарство во Иберија, па дури и во цела Европа.
Но, одредувањето на точната старост на оваа колекција беше предизвик, главно поради два артефакти – мала, шуплива полутопка (за која се верува дека била дел од жезол или рачка на меч) и нараквица слична на торк. И двата предмети имаат „железен“ изглед, што укажува дека се направени од железо.
Проблемот е во временската рамка: Во Иберија, железото од рудници почнало да се топи и да се користи дури околу 850 п.н.е., што го означува почетокот на железното доба. Но, златните предмети во Сокровиштето од Виљена се датирани меѓу 1500 и 1200 п.н.е. Како тогаш овие „железни“ артефакти се вклопуваат во колекцијата?
Железо од вселената?
Железото не потекнува само од рудниците на Земјата. Во различни делови од светот постојат железни предмети од пред железното доба, изработени од материјал добиен од метеорити. Најпознат пример е железниот кинжал на фараонот Тутанкамон, но откриени се и други бронзеновековни оружја направени од истиот редок материјал.
Метеоритското железо може да се препознае по тоа што содржи значително повеќе никел отколку железото од земните руди.
Затоа, научниците побараа дозвола од Археолошкиот музеј на Виљена, каде што се чува колекцијата, за да ги тестираат двата артефакти и да ја утврдат содржината на никел.
Резултатите од анализата
Со голема внимателност, истражувачите зедоа примероци од двата предмета и ги подложија на спектрометрија. И покрај значителната корозија што ја изменила нивната површинска структура, резултатите силно укажуваат дека и полутопката и нараквицата се направени од метеоритско железо.
Со ова се решава мистеријата околу нивната старост – тие биле изработени во истиот период кога и останатите предмети од колекцијата, односно помеѓу 1400 и 1200 п.н.е.
„Достапните податоци сугерираат дека овие два предмета се првите артефакти во Иберија за кои може да се потврди дека се направени од метеоритско железо,“ објаснуваат истражувачите во трудот, „што е во согласност со времето на доцниот бронзен период, пред започнувањето на масовното производство на железо од рудници.“
Поради напреднатата корозија, резултатите сè уште не можат да се сметаат за 100% дефинитивни. Но, тимот предлага понатамошни анализи со понови, неинвазивни техники, кои би можеле да дадат уште попрецизни докази.
Откритието беше објавено во научното списание Trabajos de Prehistoria.
Коментирај анонимно