Дали чоколадото треба да се чува во фрижидер? Експерт од „Линдт“ ја реши вечната дилема
Речиси нема човек што не ужива во неколку коцки фино чоколадо по напорниот работен ден или како брз извор на енергија кога ќе падне концентрацијата. За време на празниците домовите се преполни со слатки и чоколади, но прашањето каде точно треба да се чуваат со години предизвикува жестоки расправии.
Едни се колнат дека местото му е исклучиво во фрижидер, додека за други самата помисла на ладно чоколадо е вистинско кулинарско светогрдие.
За конечно да стави крај на оваа вечна дебата, мајстор-чоколатерката од престижниот швајцарски бренд „Линдт“ (Lindt), Микета де Кастро, детално објасни каде смее, а каде никако не треба да се остава чоколадото.
„Чоколадото е многу почувствително на својата околина отколку што луѓето воопшто претпоставуваат. Местото каде што го чувате прави огромна разлика во тоа како тоа ќе изгледа, како ќе се топи во устата и каков вкус ќе има“, истакнува Де Кастро.

Содржина:
Фрижидерот го држи цврсто, но му носи белузлав слој и отупен вкус
И покрај тоа што голем дел од луѓето автоматски ги ставаат чоколадите на полиците во фрижидерот мислејќи дека така ќе ги заштитат, тоа е всушност едно од најлошите можни места. Иако фрижидерот го одржува чоколадото цврсто и ладно, тоа е сигурен начин целосно да се компромитираат и вкусот и свиленкастата текстура.
„Фрижидерот е меѓу најнеповолните места за чоколадо, иако таа навика е многу распространета. Студената и влажна средина предизвикува појава на таканаречено ‘цветање’ (белузлав слој на површината) и го отупува вкусот, а повторното вадење и враќање на чоколадото во фрижидер само ја влошува состојбата поради кондензацијата“, објаснува експертката.

Шпоретот, радијаторот и прозорската даска се фатални места за десертот
Покрај фрижидерот, огромна грешка е и оставањето на чоколадото во близина на извори на топлина. Кујнските работни површини до шпоретот или рерната, местата до радијаторите или прозорските даски изложени на директно сонце се фатални за десертот.
„Секое топло место претставува сериозен проблем. Чоколадото почнува да омекнува и да се топи на многу пониски температури отколку што повеќето очекуваат, па затоа му е потребна средина со стабилна, умерена свежина“, додава Микета.

Температура меѓу 16 и 20 степени е поважна од самиот плакар што ќе го одберете
Наместо да го буткате во фрижидер или да го оставате отворено на работната маса, идеалното место за чување на чоколадото е сув, темен плакар или шпајз. Препораката на стручњаците е тоа да биде заштитено од директна сончева светлина, на стабилна температура меѓу 16 и 20 степени Целзиусови.
„Наглите или чести температурни осцилации се главната причина за кристализација на мастите и шеќерот. Затоа постојаноста на температурата е многу поважна отколку самото место што ќе го одберете“, предупредува таа.
Кромид, лук и остри зачини можат да му го сменат оригиналниот вкус
Подеднакво важна работа е и тоа кои други намирници се наоѓаат во истиот плакар. Чоколадото содржи големо количество масти кои делуваат како сунѓер и исклучително лесно ги впиваат интензивните миризби од околината.
„Чоколадото е исклучително апсорбирачко. Доколку го чувате во близина на храна со силен мирис, како кромид, лук или остри зачини, тоа со текот на времето неминовно ќе го поприми нивниот мирис и ќе го смени својот оригинален вкус. Најдобро е да се држи на сосема засебна полица, подалеку од какви било интензивни ароми“, советува Де Кастро.
Доколку немате одвоен простор, најдоброто решение е отвореното чоколадо добро да го завиткате во фолија и да го ставите во херметички затворен сад или кутија. Така ќе го заштитите од надворешните мириси и влага.

Коментирај анонимно