X

Дали и луѓето имаат „внатрешен компас“? Научниците открија дека магнетното поле на Земјата можеби несвесно влијае врз нашите одлуки

Зошто донесуваме одредени одлуки во животот? Долго време науката го објаснуваше човечкото поведение со комбинација од гени, воспитување, култура и лично искуство. Сепак, ново и провокативно истражување на јужнокорејски научници додава на оваа листа уште еден неочекуван фактор: невидливото магнетно поле на нашата планета.

Дали и луѓето имаат „внатрешен компас“? Научниците открија дека магнетното поле на Земјата можеби несвесно влијае врз нашите одлуки

108 доброволци тестирале дали луѓето несвесно го чувствуваат магнетното поле

Тим од Националниот универзитет Кјонгпук во Јужна Кореја решил да провери необична можност: дали и луѓето, слично како некои животни, можат несвесно да го почувствуваат магнетното поле на Земјата. Во експериментот учествувале 108 доброволци, сместени во просторија опкружена со електромагнетни калеми, преку кои научниците можеле контролирано да го менуваат магнетното поле околу нив.
Испитаниците учествувале во традиционална постапка поврзана со азиската стратегиска игра Го, преку која по случаен принцип се одредува кој ќе игра со црни, а кој со бели камчиња. Целта била да се види дали промената на магнетното поле на кој било начин ќе влијае врз нивниот избор, иако самите учесници не знаеле кога полето се менува.

Кога магнетното поле било потиснато, се променил и изборот на учесниците

Во еден дел од експериментот научниците го оставиле природното магнетно поле на Земјата непроменето, а во друг речиси целосно го неутрализирале со помош на калемите.
Тогаш забележале нешто необично: кога природното магнетно поле било потиснато, учесниците значително поретко завршувале со црните камчиња. Бидејќи токму црните му овозможуваат на играчот да го направи првиот потег, истражувачите сметаат дека резултатот може да укажува дека промената на магнетното поле на некој начин влијаела врз нивното однесување.
Тоа, сепак, не значи дека магнетното поле ги контролирало нивните мисли или одлуки, туку дека човечкиот организам можеби регистрира промени во него без ние да сме свесни за тоа.

Необичниот ефект бил забележан кај луѓето со пониско ниво на шеќер во крвта

Уште поинтересно било што ефектот не се појавил подеднакво кај сите. Најизразен бил кај учесниците со пониско ниво на шеќер во крвта, односно кај оние што подолго време немале јадено.
Речиси 98 проценти од доброволците не почувствувале никаква промена додека научниците го менувале магнетното поле. Токму затоа истражувачите претпоставуваат дека, доколку луѓето навистина имаат некаков вид „магнетно сетило“, тоа функционира потсвесно – организмот можеби го регистрира сигналот, но ние не го чувствуваме.

Втор експеримент дал уште една трага за можниот „внатрешен компас“

За да проверат што би можело да стои зад ефектот, научниците направиле уште еден експеримент. Овојпат не го менувале магнетното поле, туку ги изложиле учесниците на многу слаб радиосигнал со различни фреквенции.
Сигналот од 1,26 мегахерци повторно предизвикал слична промена во изборот на учесниците, додека фреквенцијата од 1,89 мегахерци немала забележлив ефект. Тоа ги навело научниците да разгледаат дали во процесот можеби учествуваат криптохромите – протеини чувствителни на светлина кои се наоѓаат и во окото, а кај птиците се поврзуваат со способноста за ориентација според магнетното поле.
Како друга можна трага се споменуваат и микроскопски честички од магнетит што постојат во човечкото тело и кои теоретски би можеле да реагираат на магнетни полиња. Засега, сепак, научниците немаат конечен одговор како би функционирал таквиот механизам кај луѓето.

Животните одамна го користат магнетното поле како природен компас – прашањето е дали можеме и ние

Самата способност да се почувствува магнетното поле, позната како магнеторецепција, одамна е позната кај животните. Морските желки, на пример, можат да препливаат илјадници километри и повторно да се вратат во областа каде што се родиле, додека птиците преселници го користат магнетното поле на Земјата како една од алатките за ориентација при долгите миграции.
Новото истражување не докажува дека луѓето имаат ист „внатрешен компас“, ниту дека магнетното поле управува со нашите одлуки. Но резултатите отвораат интересна можност: човечкиот мозок можеби прима информации од околината за кои воопшто не сме свесни.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *