Дали појадувате веднаш штом ќе ги отворите очите или чекате да огладнете? Еве што е подобро за организмот
Едни не можат да си го замислат утрото без богат појадок веднаш по станувањето. Други, пак, не можат ниту да помислат на храна сè додека не поминат неколку часа од будењето.
Прашањето што многумина си го поставуваат е едноставно: дали навистина мора да седнеме на маса штом ги отвориме очите, или е сосема во ред да почекаме телото природно да побара храна?
Покрај точното време, останува и вечната дилема: дали денот е подобро да се започне со сладок или со солен оброк.
Иако појадокот со право се нарекува најважен оброк во денот, тоа не значи дека секој човек има иста биолошка потреба веднаш да почне да јаде. Потребите се индивидуални, а многу поважно е што точно внесуваме во телото, отколку дали сме јаделе точно во седум или во девет часот наутро.

Нема правило за првите 15 или 30 минути по станувањето од кревет
Не постои универзално медицинско правило што наложува дека мора да јадете веднаш по будењето. Ако наутро немате апетит, сосема е природно да почекате да почувствувате вистински глад.
На некои луѓе им годи обилен оброк веднаш. На други повеќе им одговара прво да испијат чаша вода, да се истушираат, да завршат дел од утринските обврски и дури потоа да седнат да јадат.
Сепак, експертите предупредуваат: ако редовно го прескокнувате појадокот, а потоа околу пладне чувствувате силен пад на енергијата, замор или посегнувате по нездрави грицки и печива, телото ви испраќа јасен сигнал дека му е потребна утринска храна.
Добар ориентир е да појадувате во рамките на првите два до три часа по будењето, пред гладот да стане толку голем што подоцна ќе се прејадете.

Кроасан со засладено кафе брзо залажува, овес со јогурт и ореви држи ситост со часови
Одговорот не зависи од тоа дали вкусот е сладок или солен, туку од составот на оброкот. Слаткиот појадок не мора автоматски да биде нездрав, исто како што ни секој солен оброк не е добар избор за телото.
Класичното лиснато печиво, кроасанот или неколку бисквити со засладено кафе брзо ќе го залажат желудникот. Но, бидејќи содржат рафиниран шеќер и празни калории без доволно протеини и растителни влакна, предизвикуваат нагол скок, а потоа остар пад на шеќерот. Затоа набрзо повторно може да бидете прегладнети.
Од друга страна, чинија овесна каша подготвена со густ јогурт, свежо овошје, семиња и ореви е одличен сладок појадок. Оваа комбинација нуди сложени јаглехидрати, природни влакна и здрави масти кои полека се разградуваат и ве држат сити со часови.
Секој квалитетен појадок, без разлика дали е сладок или солен, треба да содржи три основни компоненти:
1. Квалитетни протеини: јајца, младо сирење, грчки јогурт или урда. Протеините се клучни за зачувување на мускулната маса и за испраќање сигнали за ситост до мозокот.
2. Влакна и сложени јаглехидрати: овес, интегрален леб од цело зрно или свеж зеленчук кои постепено ослободуваат гликоза во крвотокот.
3. Здрави масти: ореви, бадеми, ленено семе, чиа семиња, маслиново масло или авокадо, кои помагаат во апсорпцијата на витамините.
На крајот, не е пресудно дали ќе јадете веднаш по станувањето или два часа подоцна. Најважно е да ги слушате сигналите на сопствениот организам и да изберете храна што ви дава стабилна енергија, наместо тежина во стомакот.


Коментирај анонимно