Доктор ја открива интригантната причина зошто јаде 56 јајца неделно
Доктор кој е страстен љубител на фитнесот ја откри својата необична исхрана, која му помага да ги одржи мускулите силни и дефинирани, додека му обезбедува доволно енергија за долгите и напорни работни смени.
Д-р Сермед Межер, 32-годишен општ лекар откри дека веќе долго време јаде дури 56 јајца неделно – што значи околу осум јајца дневно.
Овој доктор внимателно ја пресметал количината на протеини што му се потребни за да достигне и одржи одредена мускулна маса.
Свесен за содржината на масти во јајцата, тој претежно ги консумира само белките, но секој ден додава по едно цело јајце за да ги внесе потребните витамини.
„Жолчките содржат многу корисни витамини и холестерол, затоа секој ден јадам по едно цело јајце,“ изјави тој. Меѓу тие витамини се витамин Д, А и Б12.
Д-р Межер ги јаде сите јајца одеднаш, за појадок, подготвени во форма на огромен омлет.
„Секој ден го започнувам со омлет од осум белки, една жолчка, малку спанаќ и моцарела. Звучи како многу јајца, но ако ги изброите, тоа се 56 белки неделно. По појадокот, околу 5:30 наутро, одам во теретана, која е само пет минути возење од дома.“, објаснува тој.
Јајцата се нискокалорична, но богата со протеини храна, која содржи и железо и омега-3 масни киселини.
Едно јајце со средна големина има околу 66 калории и 6,4 грама протеини, што е повеќе од една десетина од препорачаниот дневен внес за мажи. Омлетот на д-р Межер содржи над 50 грама протеини, што е доволно за целиот негов дневен потребен внес.
Останатиот дел од денот исто така му е исполнет со храна богата со протеини – прво преку протеински шејкови.
„Моментално сум во фаза на одржување на мускулната маса, не се обидувам ниту да добијам ниту да изгубам тежина. Користам whey protein isolate наместо обичен whey, бидејќи содржи дополнителни четири грама протеини“, вели тој.
За ручек јаде пилешка брускета, а за вечера или говедска салата или супа од лосос со компири.
„Си дозволувам грицки на секои неколку дена. Околу 20 часот ќе изедам кесичка чипс со сол и оцет или поздрава алтернатива – мојот пудинг од чиа семе“.
Сепак, признава дека неговата исхрана не е за секого.
„Не би препорачал секој да се храни исто како мене. Поради интензивните тренинзи, морам да ја поддржам мојата физичка активност со исхраната. Повеќето луѓе немаат потреба од толку многу протеини“.
Но, д-р Межер не е единствениот што го „хакира“ своето тело со консумирање големи количини јајца.
Љубителот на фитнесот Џозеф Еверет, кој живее во Токио, неодамна откри дека ја намалил маснотијата во крвта и ја зголемил мускулната сила со екстремна диета од 30 јајца дневно.
Пред да го започне експериментот, тој ја измерил својата тежина и ги тестирал своите перформанси во четири вежби – кревање шипка, мртво кревање, чучнувања и бенч прес.
Исто така, направил крвни анализи пред и по диетата за да ги измери нивоата на тестостерон и холестерол Резултатите биле изненадувачки: за еден месец добил 6 кг мускулна маса, зголемувајќи ја својата тежина од 78 кг на 84 кг.
И неговата сила значително се зголемила – успеал да крене 20 кг повеќе од почетокот на експериментот.
Изненадувачки, крвните тестови покажале дека нивото на „лош“ холестерол не се зголемило, а истовремено се зголемило нивото на „добар“ холестерол, кој помага во отстранување на штетните масти од крвта.
Дополнително, се намалило нивото на триглицериди – тип на маснотии во крвта што е поврзан со зголемен ризик од срцев удар и мозочен удар.
Претходните истражувања покажаа дека јајцата содржат високи нивоа на холестерол, што ги натера експертите да препорачуваат внес од најмногу четири јајца неделно. Но, поновите студии сугерираат дека умерената консумација на јајца – околу едно дневно – во рамките на балансирана исхрана не го зголемува ризикот од срцеви заболувања.
Коментирај анонимно