Две актерски награди за МНТ: Тања Кочовска и Тони Михајловски наградени на фестивалот во Никшиќ
Актерите на Македонскиот народен театар, Тања Кочовска и Тони Михајловски, се закитија со две значајни признанија на 22. Меѓународен фестивал на глумецот во Никшиќ, Црна Гора. За своите улоги во претставата „Страв и надеж“, Кочовска ја освои наградата за најдобра женска епизодна улога, додека Михајловски беше прогласен за најдобар актер во машка епизодна улога.
Претставата „Страв и надеж“, поставена во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, беше дел од годинашното издание на фестивалот, каде што актерските изведби на двајцата првенци на МНТ добија особено високи оценки од стручното жири.

Во образложението на одлуката, жирито ја нагласило исклучителната сценска поврзаност меѓу Кочовска и Михајловски, особено во заедничките сцени.
„Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна“, се наведува во образложението.
За наградите одлучувало жири составено од истакнатите актери Миодраг Кривокапиќ, во улога на претседател, и Даница Максимовиќ, како и Стеван Вуковиќ.
Од Македонскиот народен театар посочуваат дека двојното признание претставува уште една потврда за актерските квалитети на Кочовска и Михајловски, но и за уметничката вредност на претставата „Страв и надеж“. Воедно, потсетуваат дека двајцата актери и претходно заедно освојувале фестивалски награди за различни театарски остварувања, со што дополнително се потврдува нивното успешно сценско партнерство.
Наградите, во име на актерите, на свечената церемонија ги примил директорот на МНТ, Никола Кимовски, кој ја истакнал посебната вредност на признанијата што доаѓаат од фестивал посветен токму на актерската професија.
„Реткост и посебна чест е да се добие награда на фестивал посветен на актерот. Актерот, без кого ликовите би останале да живеат само на хартија, а сцената би била празна. Актерот, кој на сцената стои пред нас како огледало“, изјавил Кимовски, изразувајќи благодарност за добиените признанија.
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно