Експерименталниот хибриден водороден мотор на НАСА конечно би можел да ги намали емисиите од летовите
Воздушниот сообраќај произведува околу 2,5 проценти од вкупните глобални емисии на CO₂, и покрај децении обиди за развој на алтернативни горива и поефикасни дизајни на авиони, оваа бројка не се намали значително.
Сепак, НАСА – која освен вселенските истражувања раководи и со аеронаутиката во САД – постојано работи на создавање поодржлива иднина за воздушниот транспорт.
Во најновиот чекор во таа насока, НАСА додели грант од програмата Institute for Advanced Concepts (NIAC) на Филип Ансел од Универзитетот во Илиноис Урбана-Шампeн за развој на хибриден авионски мотор базиран на водород.
Грантот е насочен кон создавање на моторот Hydrogen Hybrid Power for Aviation Sustainable Systems (Hy2PASS) – хибриден систем што комбинира горивна ќелија и гасна турбина за напојување на авион. Овие хибридни технологии се истражувани и претходно, но Hy2PASS има своја „тајна состојка“ – уникатен начин на управување со воздухот.
Како функционира Hy2PASS?
Кај хибридните авионски системи, најчесто има горивна ќелија и гасна турбина. Горивната ќелија користи водород и создава електрична енергија. Во стандардните хибридни мотори, оваа енергија го напојува компресорот, кој потоа е поврзан со турбината.
Но, кај Hy2PASS, компресорот е одвоен од турбината. Тој и натаму ѝ испорачува кислород, но истовремено обезбедува кислород и за катодата на горивната ќелија, овозможувајќи ѝ непречена работа.
Овој пристап носи неколку предности, но најголемата е значително зголемената ефикасност. Со тоа што компресорот не е директно поврзан со турбината, се елиминира непотребното загревање што инаку би се создавало.
Дополнително, компресорот може да работи на различни притисоци, што овозможува алгоритамски оптимизиран режим на работа, без да мора да се усогласува со брзината на турбината.
Систем со нулта емисии
Најзначајната предност на овој хибриден мотор е што единствениот нуспроизвод од работата на системот е – вода. Со други зборови, овој хибриден погон во целост ги елиминира емисиите на штетни гасови.
Во теорија, ваквиот погонски систем би можел да стане „светиот грал“ што НАСА и целиот авио-индустриски сектор го бараат со години.
Сепак, пред да стане реалност, има уште многу работа. Првата фаза од NIAC грантот е фокусирана на докажување дека концептот навистина функционира. Дополнително, потребно е да се истражи како овој мотор би се интегрирал со другите системи во авионот, како и да се оптимизира „траекторијата на летот“ за да се минимизира потрошената енергија.
Ова укажува дека можеби ќе има одредени ограничувања во примената на технологијата, но токму тоа ќе биде тема на анализата во оваа прва фаза.
Доколку проектот се покаже како успешен – а според досегашниот успех на д-р Ансел во исполнувањето на технолошките цели на НАСА, тоа е сосема веројатно – можно е наскоро да видиме авиони на водород повторно во воздухот.
И овој пат, тие ќе бидат клучен фактор во елиминирањето на емисиите од една од најважните индустрии во светот.
Коментирај анонимно