Филип Ташковски, магистер по економија и бизнис науки: „Крипто индустријата нуди поголема финансиска слобода отколку кој било систем досега“
Филип Ташковски е магистер по економија и бизнис науки од областа на сметководство, ревизија и даноци. Неговото истражување е насочено кон интеграција на блокчејн технологијата и тројното сметководство за зголемување на транспарентноста и довербата во ревизијата. На 6 септември, во МКЦ Скопје, тој е еден од седумте говорници на Македонска Крипто Конференција #3.

Разговаравме со него пред настанот, за тоа зошто крипто-технологијата не е она за што повеќето луѓе мислат, за случајот кој малкумина го поврзуваат со дискусијата за крипто, и за она за кое е убеден дека ќе се случи наскоро.
Во едно реченица, за што ќе зборувате на МКК3, за некој кој не е запознаен со темата?
Темата на која ќе се осврнам е од особено значење, не само поради фактот што се однесува на крипто-технологијата, туку пред сè поради нејзиниот потенцијал да придонесе кон намалување на економскиот криминал. Во фокусот не е самата технологија, туку начинот на кој нејзината примена може да придонесе кон поголема транспарентност, следливост и контрола на економските активности, со што би се создале услови за поефикасно спречување и откривање на економски криминални дејствија.
Кое погрешно веруверување за областа во која работите ќе го демаскирате на сцена?
Со моето излагање ќе се обидам да го демаскирам широко распространетото уверување дека крипто-технологијата првенствено е поврзана со економскиот криминал и сивата економија. Како контрааргумент на ставот дека постојниот финансиски систем е доволно сигурен и ефикасен во спречувањето на финансискиот криминал, го имаме случајот со НЛБ банка, која во периодот 2010–2011 година вршела илеагални трансакции поврзани со Иран (со значење на финансирање тероризам), а јавноста за случајот дознава дури во 2017 година. Воедно, ќе се обидаме да утврдиме зошто механизмите на форензичката ревизија не успеале навремено да ги идентификуваат и адресираат овие економски кривични дејства.

Ако публиката запамети само едно нешто од вашиот говор, што ќе биде тоа?
Ако треба публиката да запамети само една работа од моето излагање, тоа би било дека финансискиот систем е пред голема трансформација и дека таа промена нема да се одвива постепено, туку напротив преку радикални ad hoc чекори.
Кој блокчејн проект или личност во крипто/Web3 ве импресионирал во последно време и зошто?
Искрено, многу ретко се импресионирам од одредени проекти, но доколку би морал да издвојам еден, тоа би бил Chainlink. Го сметам за особено интересен проект бидејќи се обидува да реши три значајни системски проблеми: Oracle проблемот, интероперабилноста и Multi-Product Platform Expansion, преку соработката со SWIFT. За технологија која сè уште е во подем, Chainlink се издвојува поради својата примена во решавањето на повеќе клучни инфраструктурни проблеми. Токму затоа, за мене, Chainlink е еден од фаворитите во крипто-трката.

Што Вас лично ве натера да влезете во оваа индустрија?
Оваа индустрија, поточно крипто-технологијата, ме привлече поради потенцијалот што го поседува, кој според мене е значително поголем од нејзината популарност како средство за брза заработка. Таа има потенцијал да овозможи поголема транспарентност и следливост на трансакциите, преку паметните договори да овозможи размена на добра и услуги без посредници, како и да обезбеди поголема финансиска автономија на поединецот, односно можност за директно поседување и управување со сопствените финансиски средства. Сето тоа претставува само дел од можностите што ги нуди крипто-технологијата. Токму затоа сметам дека конференции од ваков карактер се особено значајни, бидејќи овозможуваат размена на знаење, критичка дискусија и подобро разбирање на оваа технологија. На тој начин можеме да ги надминеме митовите дека крипто-технологијата претставува само инструмент за брза заработка или средство за поддршка на сивата економија.
Филип Ташковски е еден од седумте потврдени говорници на Македонска Крипто Конференција #3, која се одржува на 6 септември 2026, во МКЦ Скопје (Кино Фросина), со почеток во 10:00 часот. Влезот е бесплатен.
Резервирајте си место на mkk.mk бројот е ограничен.


Коментирај анонимно