Го продадов станот во Загреб и се преселив сама во шума: Ива Хансен за одлуката да си го промени животот од корен
Ива Хансен е новинарка. Тоа е единствената титула за која вели дека ја истакнува, бидејки тоа е нејзин повик, а не само работа. Сите останати, кој си, каква си, чија си, ги оставила зад себе во моментот кога загазила на имотот крај Свети Иван Зелина, на работ на шума. Таму, опкружена само со шума и тишина, за прв пат сфатила: јас сум ништо. И тоа го доживеала не како пораз, туку како почеток.
Содржина:
- Преоптовареноста од работата ја довела до крај и го спасила нејзиниот живот
- Живеењето НА СЕЛО не e исто со живеењето ОД СЕЛО
- Година и пол живот без вода ја научила на благодарност кон секоја капка
- Ива го прифатила сосема новиот живот и ја игнорирала осудата дека е луда
- Работата во градината со мотиката станала лек и извор на мир и екстаза
- Животот во тишината на шумата ѝ ја донел вистинската смисла и исполнетост
Преоптовареноста од работата ја довела до крај и го спасила нејзиниот живот
Со години живеела и работела во Загреб. Бркала кариера, пишувала новинарски текстови по десетина до петнаесет страници. Потоа, еден ден, едноставно не можела повеќе.
„Доживеав тежок „брнаут“. Буквално не можев да станам од кревет, а камоли да пишувам.”
Со „брнаутот“ дошла и немоќта да го плаќа станот. А токму тогаш вредноста на тој стан речиси се дуплирала. Го продала, го затворила кредитот и со остатокот купила имот на село. Она за кое мечтаела со години, но за кое немала храброст, добило форсиран старт.
„Тој брнаут го доживеав како Божји знак дека е моментот да тргнам.”
Живеењето НА СЕЛО не e исто со живеењето ОД СЕЛО
Ива прави важна дистинкција. Преселувањето на село не значи дека живееш од него. Таа е дигитален номад, продолжила да работи како новинарка, да работи на лаптоп, а во градината си сади за свои потреби, не за продажба.
„Луѓето мислат дека штом живееш на село немаш никакви трошоци и пари паѓаат од небото. Никогаш не било така, никогаш нема да биде.”
За да живееш од земјата, треба инфраструктура, животни, насади, канали за продажба. Тоа е можеби некоја идна цел, денес не е реалност. И тоа, вели, мора да му биде јасно секому кој размислува за таков чекор.
Година и пол живот без вода ја научила на благодарност кон секоја капка
Кога го купила имотот, знаела дека нема водоводна врска. Очекувала дека работите ќе се завршат за шест месеци. Но, тоа потрајало година и пол. Прво било романтично: одење на извор, полнење канистри, носење триесетина канистри нагоре до куќата, греење вода за туширање.
„На почеток ми беше интересно, како авантура.”
По година и пол веќе не ѝ било авантура.
„Кога пушташ вода од чешма во град и таа тече, не ја цениш ни на крај памет не ти паѓа дека тоа е благодет. Кога мора да одиш по неа и да ја носиш на раце, ја цениш секоја капка. Кога прв пат по година и пол се истуширав нормално, плачев.”
Мајстори биле тешко за најде. Загрепските не сакале да дојдат на триесет минути пат. Локалните доаѓале ретко. На крај таа сама почнала да работи, иако не знаела ни да држи бушилица. Научила да лепи плочки, да бојадисува ѕидови, да поставува фасада.
„Во Загреб не знаев ни да составам обична полица од Икеа. Тука сама ставав фасада. Кога прв пат го земав глетот во раце, се чувствував како најмоќната жена на светот.”
Ива го прифатила сосема новиот живот и ја игнорирала осудата дека е луда
Реакцијата на пријателките, соседите и колегите кога им кажала дека заминува, ѝ рекле дека е луда. Некои комшивки од зградата имале и поостри коментари:
„Одиш на село, таму се селани, ти ќе станеш сељандура.”
Ива не се навредила. Сфатила дека луѓето кои зборуваат лошо за туѓите одлуки честопати го прават тоа од страв и од сопствена несреќа.
„Сакаат да те натераат да живееш како тие, за да ја оправдаат сопствената конструкција на светот. Ако ти живееш поинаку и си среќен, нивната конструкција се руши.”
Две години подоцна, истите тие пријателки сакаат да дојдат да ја посетат.
Работата во градината со мотиката станала лек и извор на мир и екстаза
Градината расте добро. На почетокот ѝ требало цел месец за десетина квадрати, денес еден ден. Садела по методот на баба ѝ, признава, со многу интуиција.
„Нема ситуација која не можам да ја излечам во градината со мотиката. Градината е мој извор на екстаза и мир.”
Животот во тишината на шумата ѝ ја донел вистинската смисла и исполнетост
Животот на работ на шума ѝ дал нешто за кое вели дека никогаш досега не го имала: себе. Во градот таа вели дека постоела само преку улоги: во улога на ќерка, на партнерка, на новинарка. Со доаѓањето на имотот тие улоги исчезнале. Останала само таа. И во тој момент на голота, без ништо, сфатила нешто едноставно и тешко истовремено: дека вредноста не доаѓа од титулата. Дека смислата е нешто до кое сам мора да дојдеш, не преку луѓе, не преку предмети, не преку животни.
„Ја нема таа животинка, го нема тој партнер, ја нема таа титула која ќе ти ја исполни внатрешната празнина. Потребна ти е смисла. А до неа мора да дојдеш сам.”
За неа таа смисла лежи во природата, во градината, во тишината и сѐ уште, во новинарството. Во раскажувањето на приказни на луѓето.
„Не знам каде ќе ме однесе животот тука. Но знам дека сум исполнета. А тоа е повеќе отколку кога и да е во Загреб.”

Se preselila vo rajot toa e poentata na zivotot mir sreka I zdravje
Коментирај анонимно