Гогољ го изгорел ракописот пред смртта, но вештачката интелигенција му го доврши романот „Мртви души“ по 170 години – и предизвика бес кај книжевниците
Недовршениот руски роман што ширум светот важи за ремек-дело доби свое продолжение напишано од модел на вештачка интелигенција, повеќе од 170 години по смртта на авторот.
Насловена „Мртви души: Преродба“, новата книга е создадена со помош на моделот „GigaChat“, развиен од технолошкиот и финансиски конгломерат „Сбер“. Проектот траел околу четири месеци, а по објавувањето минатиот месец предизвика огромно внимание, но и жестоки реакции меѓу книжевните експерти.
На 42 години, по психички слом, Гогољ фрлил дел од „Мртви души“ во оган
Писателот Николај Гогољ уништил дел од својот ракопис непосредно пред својата смрт во 1852 година. Познат по гротескниот и надреален стил во делата како „Дневникот на еден лудак“ и „Нос“, со „Мртви души“ создал едно од најголемите дела на руската литература од 19 век, и покрај тоа што никогаш не било завршено.
Романот завршува среде реченица. Дел од книжевните теоретичари веруваат дека токму во таа форма е целосен, имајќи ја предвид склоноста на Гогољ да го прекинува раскажувањето среде приказна, па дури и среде реченица. Други, пак, сметаат дека делото било замислено како прв дел од трилогија — што доведе до обид изгубениот втор том да се реконструира со помош на руски модел на вештачка интелигенција.
„Тоа не покажува што точно би напишал следно“
Книгата отвори старо прашање во нова форма: дали може технологијата да го продолжи гласот на автор кој намерно, случајно или трагично го оставил делото недовршено?
„Верувам дека едно книжевно дело не произлегува автоматски од сè што авторот создал претходно“, изјави експертот за Гогољ, Артјом Никитин, за агенцијата „Ројтерс“. „Дури и ако ги знаеме јазикот, стилот и заплетните линии на авторот, тоа не покажува што точно би напишал следно.“
Од другата страна, рускиот писател и есеист Владислав Отрошенко, кој го предводел проектот со вештачката интелигенција, тврди дека книгата сепак треба да се смета за уметничко дело и покрај употребата на технологијата.
„Одлично се справи со уметничката страна на задачата, а особено со елементот на заплетот“, рече тој. „Книгата е бестселер… Читателите се искрено заинтересирани за неа. Дали има уметничка вредност? Секако дека има, затоа што е прв уникатен експеримент без преседан од ваков вид. Притоа работевме со најпредизвикувачкиот стил во руската литература – стилот и поетиката на Гогољ.“

Коментирај анонимно