Интервју со Владимир Грчев: Македонецот кој стана европски шампион по информатика
Македонија повторно блеска на европската мапа на знаење! На 9-тата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која се одржа во Шумен, Бугарија, македонскиот тим освои златен и бронзен медал. Нашите ученици, меѓу најдобрите од 22 европски земји, го подигнаа македонското знаме високо во борбата на најталентираните млади програмери на Стариот континент.
Златниот медал за Македонија го донесе Владимир Грчев од Кочани – втор златен во историјата на ова престижно натпреварување. Бронзениот медал го освои Марко Кренков од Струмица. Тимот го сочинуваа и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, а нивни лидери беа студентите од ФИНКИ: Иван Занов и Петар Ковачовски.
По овој голем успех, разговаравме со Владимир Грчев – европскиот шампион по информатика, кој ни ја раскажа својата приказна за патот до златото, поддршката што ја добил и идните соништа што сака да ги претвори во реалност.

Мотика: Владимир, најпрво честитки за огромниот успех – златен медал на Европската олимпијада за млади по информатика! Какво е чувството да се биде број еден во Европа?
Владимир Грчев: Благодарам. Чувството е неверојатно – како да стоиш пред огромна планина, долго време се искачуваш и конечно стигаш на врвот. Овој медал за мене е потврда дека истрајноста, дисциплината и безбројните часови вложен труд можат да донесат резултати кои некогаш изгледале недостижни. Тоа не е само мој успех, туку и доказ дека млад човек од Македонија може да се најде на самиот европски врв.
Мотика: Европската олимпијада оваа година се одржа во Шумен, Бугарија. Какво беше искуството таму?
Владимир Грчев: Атмосферата беше извонредна. Имавме два дена тешки натпревари со сериозни алгоритамски задачи. Конкуренцијата беше силна, но тоа ми даде уште поголем мотив да дадам сè од себе. Освен натпреварот, имавме можност да размениме идеи и искуства со најдобрите млади информатичари од цела Европа.

Мотика: Твојот успех не е изолиран. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за останатите твои постигнувања?
Владимир Грчев: Оваа година за мене беше навистина значајна. Прво освоив златен медал на Македонската јуниорска олимпијада по информатика, потоа и златен медал на Македонската јуниорска олимпијада по математика, како и сребрен медал на Балканската математичка олимпијада за млади. Исто така, повторно станав државен првак по информатика.
Претходно, двапати сум бил државен првак, имам освоено сребрен и два бронзени медали на македонските јуниорски олимпијади по информатика, два бронзени медали од балкански јуниорски олимпијади по информатика, како и бронзен медал на Европската олимпијада за млади по информатика, заедно со уште неколку меѓународни награди и признанија.
Оваа година, исто така, станав ученик од прва година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, каде што уште пред да се запишам ги препознаа моите квалитети и ми ги отворија вратите за понатамошно усовршување и развој.
Но една награда што особено ми значи е признанието „Ученик на генерација“ во ООУ „Братство“ во Скопје. Таму дојдов дури во деветто одделение, а резултатите што ги постигнав во само една година беа доволни ова признание да ми припадне мене. Тоа за мене има голема емоционална вредност, бидејќи беше доказ дека трудот брзо се препознава и вреднува.

Мотика: Кој ти беше најголемата поддршка на овој пат?
Владимир Грчев: Најголемата поддршка во мојот живот е моето семејство.
Мајка ми е светилката на мојот пат – секогаш покрај мене, дури и во најтешките моменти, кога нејзиното здравје понекогаш беше непријателски настроено. Таа беше силата што ме подигаше кога паѓав, гласот што ме охрабруваше кога се двоумев и раката што ме водеше. Возеше стотици километри за да ме однесе на курсеви и кај професори, за да можам постојано да се усовршувам и да се надградувам. Нејзината љубов и пожртвуваност се мојот најголем капитал.
Татко ми е темелот врз кој стои сè што сум постигнал – човекот кој далеку зад границите на нашата Македонија се жртвува, за јас да имам услови да сонувам големи соништа и да одам напред. Неговата тивка сила и труд се во секој мој успех, затоа што секоја моја победа е и негова победа.
А потоа се тука и моите наставници, професори и ментори – моите градители на знаење и самодоверба. Тие беа тие што секогаш веруваа во мене, ме предизвикуваа да одам чекор подалеку од своите граници и ме учеа дека талентот е само почеток, а вистинските резултати се раѓаат од дисциплина, упорност и работа без предавање.

Мотика: Што би им порачал на твоите врсници во Македонија кои можеби допрва размислуваат да се насочат кон информатика или математика?
Владимир Грчев: Би им рекол да не се плашат од предизвиците и да веруваат во себе. Потребни се многу труд, дисциплина и љубов кон тоа што го правиш. Ако навистина уживаш во учењето и решавањето задачи, резултатите ќе дојдат.
Мотика: А што е следно за тебе? Кои се твоите идни цели?
Владимир Грчев: Секако, ќе продолжам да се натпреварувам и да се трудам да освојувам нови медали, но мојата вистинска цел е многу подлабока. Сакам знаењето што го стекнувам да го претворам во нешто што ќе има реална корист за луѓето – нови идеи, иновации и решенија кои ќе ја направат технологијата подобра и поупотреблива за сите. За мене олимпијадите не се крајна цел, туку средство што ми помага да растам и да станам човек кој може да придонесе за општеството.
Владимир, ти посакуваме уште многу успеси и да продолжиш да ја правиш Македонија горда!

Cestitki do Vladimir I mu posakuvam uste pogolem uspex vo ponatomosniot pivot gospod neka mo davao zdravje sreka I mnogu ljubov.
Биди Благословен Владимире..
Македонија во срцето…
Bravo Vladimir 👏
Cestitki Vladimir, ti posakuvam da bides dosleden na disciplinata i da se nadograduvas postojano!
Коментирај анонимно