Италијански рај нуди бесплатно сместување цели 10 години: Еве кој може да добие куќа во Калабрија и под кои услови
Замислете да се преселите во бајковито италијанско гратче, опкружено со планински масиви и на чекор до кристално чистото Тиренско Море, без да платите ниту едно евро за кирија цели десет години. Ова не е сон, туку реална можност што ја нуди јужниот италијански регион Калабрија, кој лансираше официјална програма за привлекување нови жители.
Програмата под наслов „La Calabria ti regala la casa“ („Калабрија ви подарува куќа“) опфаќа 50 внимателно избрани куќи и станови во 26 живописни општини, со цел да се оживеат историските места што со децении се соочуваат со масовна депопулација.
За разлика од добро познатите италијански проекти каде што руинирани куќи се продаваат за „едно евро“, но купувачите мора самите да вложат десетици илјади евра за мачна обнова, во Калабрија приказната е сосема поинаква.

20 милиони евра за домот да биде готов пред вселувањето
Регионалните власти, предводени од претседателот Роберто Окиуто, издвоија импресивен буџет од 20 милиони евра. Државата ќе инвестира до 2.000 евра по квадратен метар, максимум до 280.000 евра по објект, за комплетно реновирање пред вселувањето.
Избраните кандидати добиваат целосно среден стан или куќа на бесплатно користење цели 10 години, со можност по истекот на договорот да го откупат имотот или да го продолжат престојот.
Каталогот на недвижности објавен на официјалниот портал нуди неверојатно богат избор. Меѓу понудените домови има простран стан од 135 квадратни метри во срцето на средновековниот Торе ди Руџеро, прекрасна куќа со панорамска градина во Сан Манго д’Аквино, куќа со поглед на море во Чесанити, како и имоти во Сан Флоро, Алесандрија дел Карето и Шиљано.

Пријавување преку „Ripopola Calabria“ до 18 декември 2026 година во 17:00 часот
Регионот плени со фасцинантниот „Брег на боговите“ (Costa degli Dei), прочуениот бисер Тропеа, историскиот Пицо и рибарската идила Шила, позната како „Мала Венеција“ на југот.
Програмата е отворена за сите полнолетни лица — како италијански, така и меѓународни апликанти, со посебен фокус на млади семејства, дигитални номади и претприемачи подготвени да започнат бизнис во локалните заедници.
Десетгодишниот бесплатен престој започнува во моментот кога реновирањето на објектот ќе биде целосно завршено и кога клучевите ќе му бидат свечено врачени на новиот жител.


Коментирај анонимно