Каде е погребан Фреди Меркјури знае само оваа жена: Повеќе од три децении ја чува тајната и нема намера некогаш да ја открие
„Нема да бидам ѕвезда. Ќе бидам легенда.“ Овие зборови Фреди Меркјури ги изговори уште на почетокот на кариерата, како да го гледаше сопствениот пат пред сите други.
На 24 ноември 1991 година, сцената остана без незаменливиот шоумен, феномен и великан на рок-културата. Музиката и светот за миг како да застанаа, а милиони обожаватели и денес не знаат каде да положат цвеќе.
Каде е неговиот вечен дом? Тајната ја чува жената што Фреди ја нарекуваше најголемата љубов на својот живот.
Содржина:
- „Живеев со полни гради“ беа зборови на човек кој знаеше дека нема да дочека старост
- Во последниот спот црно-белата слика ги криеше трагите од болеста
- На Кенсал Грин имало 35 луѓе, а урната заминала кај Мери
- Џер, Боми и Кашмира никогаш не дознале каде се чува пепелта
- Розариум, цреша во Кенсингтон или водите пред Монтре
- Од бутикот и киријата до „Love of My Life“
„Живеев со полни гради“ беа зборови на човек кој знаеше дека нема да дочека старост
„Нема да дочекам старост, ниту пак тоа воопшто ме интересира. Немам никакви желби да стигнам до седумдесеттата. Би ми било толку здодевно… Нема да бидам тука. Живеев со полни гради, и ако утре умрам – не ми е гајле. Сè направив во животот. Живеев.“
Фреди Меркјури почина на 24 ноември 1991 година. Со неговото заминување, светот загуби еден од најголемите музичари што некогаш застанале на сцена, неповторлив шоумен и симбол на една епоха.
Во последниот спот црно-белата слика ги криеше трагите од болеста
Само неколку недели пред смртта, со последните атоми сила го сними спотот за песната „These Are the Days of Our Lives“.
„Знаеше колку е болен, беше свесен дека повеќе нема да се појавува пред камерите. Сигурно трпеше ужасни болки, но не дозволуваше тоа да се види. Сè што денес гледаме во спотот се еден човек и неговата судбина“, раскажа подоцна режисерот.
Фреди не сакал посебен третман и не се жалел. Видеото било направено во црно-бела варијанта за да се ублажат трагите од болеста за која ни денес нема лек. Почина од воспаление на белите дробови, настанато поради компликации предизвикани од вирусот ХИВ.
Со каков непријател се бори знаеле само најблиските – неговиот партнер Џим Хатон и поранешната девојка и свршеница Мери Остин.
На Кенсал Грин имало 35 луѓе, а урната заминала кај Мери
Немало официјален погреб. Приватна церемонија била одржана три дена по неговата смрт во крематориумот на лондонските гробишта Кенсал Грин.
Службата, пред вкупно 35 луѓе, ја водел зороастриски свештеник. Фреди е роден во Занзибар, а неговото семејство, по потекло од Иран, ја следело древната персиска религија зороастризам.
По желба на Фреди, урната со пепелта ѝ била предадена на Мери Остин. Таа останала единствената личност на светот за која се верува дека знае каде е положена неговата пепел.
Џер, Боми и Кашмира никогаш не дознале каде се чува пепелта
Мери го наследила најголемиот дел од имотот, а авторските права на музичките изданија ги поделила со останатите членови на групата „Квин“.
Му ветила дека до гроб ќе ја чува тајната што веќе 35 години многумина се обидуваат да ја откријат – местото каде што е положена неговата урна. И никогаш не изустила ни збор.
Родителите на Фреди, мајката Џер и таткото Боми, го напуштиле овој свет не знаејќи каде се чува пепелта на нивниот син. Не знае ни сестра му Кашмира. Никој.
Само Мери, која денес има 75 години и живее во Фулам.
Розариум, цреша во Кенсингтон или водите пред Монтре
Дали урната е сместена во розариумот на лондонските гробишта? Можеби е закопана на посебно место – под црешата во градината на куќата во лондонскиот Кенсингтон, која Мери продолжила да ја користи со своите деца сè до 2024 година, кога била ставена на продажба?
Обожавателите, чиј број од година в година не се намалува туку расте, немаат место каде сигурно да положат цвеќе. Им преостанува споменикот во Монтре, секогаш украсен со свежи букети. Статуата, сместена на самиот брег, е свртена кон Женевското Езеро.
Дали гледа кон водата во која е расфрлана пепелта? Постои и таква теорија.
Швајцарија? Да, многу лесно тоа тајно место би можело да се крие во земјата во која Фреди ги помина последните неколку години. По сè изгледа, одговорот никогаш нема да го дознаеме, бидејќи Мери одлучила да го одржи ветувањето и тајната да ја понесе со себе в гроб.
Од бутикот и киријата до „Love of My Life“
Фреди сакал мажи, тоа никогаш не се обидувал да го скрие, исто како што за својата сексуална ориентација никогаш не молчел ни неговиот колега Елтон Џон. Но Мери била неговата сродна душа.
Еден од најголемите пејачи на сите времиња ѝ посветил неколку песни, а најпозната е баладата „Love of My Life“.
Се запознале кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите, кога тој имал 24, а таа 19 години. Набргу, со нејзина безусловна поддршка, го основал бендот што засекогаш го промени лицето на музиката.
Додека Фреди пишувал песни, Мери работела во бутик. Всушност, таа ги издржувала, плаќала кирија, купувала храна и се грижела за сè. По четири години, иако без скршен денар в џеб, двојката се свршила.
До матичар не стигнале. Се разделиле во 1976 година, кога славниот музичар ѝ признал дека е наклонет кон истиот пол. Сепак, останале заедно засекогаш, на еден поинаков начин, остварувајќи поблиска и посилна врска отколку повеќето брачни парови.
Мери го придружувала бендот на турнеите и се грижела за финансиите. Фреди ѝ го оставил и најголемиот дел од имотот. „Ќе ја сакам до последниот здив“, изјавил тој.
Љубовта никогаш не престанала, туку напротив – растела од ден на ден, дури и кога таа се омажила за сликарот Пирс Камерон, со кого добила два сина. На едниот од нив, Ричард, Фреди му бил кум.
На родителите не им кажал дека е болен, а на почетокот ниту на членовите на бендот. Но Мери знаела сè, од самиот почеток, и била сведок на неговите последни мигови.
„Тие месеци по неговото заминување се најтешкиот период во мојот живот“, открила подоцна.
Она што не го открила, а што било последна желба на Фреди, е местото каде што се наоѓа или каде е расфрлана неговата пепел.
„Нема да бидам ѕвезда. Ќе бидам легенда“, рекол своевремено харизматичниот Фреди Меркјури, иако тогаш никој не знаел дали се шегува или навистина верува во тие зборови. Се покажало дека биле визионерски – станал легенда, и многу повеќе од тоа.
Отсекогаш ве мачеле големите прашања? Верувате дека светот не е толку едноставен и дека постојат и работи кои не ги гледаме? На вистинското место сте. Посетете го каналот Мистерии и урбани легенди.

Коментирај анонимно