Како гулабите знаеле каде да го однесат писмото?

Пред телефоните, интернетот и современите системи за комуникација, луѓето имале необични гласници што можеле да пренесат важни пораки и кога биле со километри далеку од одредиштето. Тоа биле гулабите писмоносци, птици што со векови се користеле за пренесување информации, а нивната способност за ориентација и денес ги фасцинира научниците.
На прв поглед, се изгледа едноставно. Човек пишува порака, ја става во мала капсула прикачена за ногата на гулабот и ја пушта птицата да одлета. Но тука се појавува прашањето што ја прави приказната толку интересна: како гулабот знаел каде треба да оди, кога немал мапа, не знаел адреса и не можел да разбере за кого е наменето писмото?

Како гулабите знаеле каде да го однесат писмото?

Тајната не била адресата, туку гулабарникот во кој птицата се враќала

Гулабите не биле учени да летаат до кое било место. Тие биле навикнувани секогаш да се враќаат на едно посебно место, својот гулабарник. Токму таму се криела основата на нивната употреба за комуникација.
Пред да стане гласник, птицата морала да го прифати гулабарникот како свој дом. Луѓето потоа постепено ја одведувале на се поголеми растојанија и ја пуштале да се врати. Со време гулабот развивал способност да го пронајде патот назад, дури и кога ќе се најде на целосно непознат терен.

Тајната не била адресата, туку гулабарникот во кој птицата се враќала

Писмото патувало само во една насока

Ако некој сакал да испрати порака до личност во друг град, морал однапред да обезбеди гулаб што му припаѓа токму на тој град. Птицата се пренесувала до испраќачот, таму и се прикачувала пораката на ногата, а потоа била пуштана да лета.
Кога ќе стигнела во својот гулабарник, човекот што се грижел за неа го преземал писмото и му го проследувал на примачот. Со други зборови, гулабот не знаел кому му носи порака. Знаел само каде е неговиот дом.

Писмото патувало само во една насока

Сонцето, мирисите и магнетното поле работеле заедно

Научните истражувања покажале дека гулабите не зависат само од видот. Еден од најважните ориентири за нив е положбата на Сонцето. Тие можат да го користат како своевиден компас, притоа земајќи го предвид и делот од денот.
Кога небото е облачно и Сонцето не се гледа, можат да се потпрат на други сигнали, меѓу кои и магнетното поле на Земјата. Истражувачите го проучувале и нивното сетило за мирис, бидејќи постојат докази дека ги користат мирисите од околината за да стекнат претстава каде се наоѓаат во однос на својот дом.
Кога ќе се приближат до познато подрачје, важна улога имаат и визуелните ориентири како реки, патишта и карактеристични делови од пејзажот. Научниците се уште истражуваат како точно функционира овој навигациски систем. Наместо еден совршен внатрешен компас, гулабите користат комбинација од различни сетила и информации од опкружувањето.

Во 1918 година Шер Ами помогнал да бидат спасени 194 војници

Способноста за враќање дома станала особено важна за време на војните, кога телефонските линии често биле прекинати, а испраќањето луѓе со пораки претставувало голем ризик.
За време на Првата светска војна, гулабите се користеле за пренесување информации меѓу војниците на фронтот и командите во заднината. Постоеле и посебни гулабарници, меѓу кои и подвижни објекти што можеле да ги следат воените единици, за птиците да имаат познато место на кое се враќаат.
Еден од најпознатите гулаби од тој период бил Шер Ами, Cher Ami, кој во 1918 година пренел порака до американските воени единици и помогнал да бидат спасени 194 војници опколени зад непријателските линии. Иако за време на летот бил тешко ранет, успеал да стигне до своето одредиште.

Телефоните го сменија светот, но натпреварите со гулаби останаа

Гулабите се користеле и за време на Втората светска војна, а нивната улога во пренесувањето информации останала важна се додека современите начини на комуникација не станале посигурни и подостапни.
Но нивната способност не исчезнала со појавата на телефоните и интернетот. И денес има одгледувачи и натпревари на кои се проверува колку брзо овие птици можат да го пронајдат патот до својот гулабарник од голема оддалеченост.
Можеби најинтересно е тоа што гулабот никогаш не морал да знае каде се наоѓа личноста за која е наменето писмото. Целиот систем почивал на една едноставна, но исклучителна способност: без разлика колку далеку ќе одлетаат, овие птици умеат да го пронајдат патот назад дома.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *