Како Канада тивко му се одмаздува на САД преку кафето? Зошто „американото“ повеќе не е опција?
Во многу канадски кафулиња, познатото кафе „Американо“ повеќе не е достапно – наместо тоа, љубителите на кафе ќе мора да порачаат „Канадијано“.
Оваа промена доаѓа како симболичен одговор на зголемените тензии помеѓу Канада и САД. Според „National Post“, станува збор за „тивка побуна“ против новите 25% увозни тарифи кои треба да стапат на сила следната недела, како и против изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна анексија на Канада како 51-ва држава.
Иако некои сопственици на кафулиња сакаат да останат надвор од политиката, промената на името на омиленото кафе брзо стана тренд низ целата земја. Движењето започна од сега веќе избришаната објава на „Инстаграм“ од канадската компанија „Kicking Horse Coffee“ од Британска Колумбија. Компанијата тврди дека уште од 2008 година на своето мени го нудела пијалакот под името „Канадијано“, но сега официјално го промовирала новото име и ги повикала кафулињата ширум Канада да го следат примерот.
„Не сакаме да бидеме политички ангажирани, но ја поддржуваме канадската гордост“, изјави Елизабет Вотсон, сопственичка на „Palisades Cafe“ во Британска Колумбија за „The Washington Post“.
Сличен став изрази и Вилијам Оливеира, сопственик на „Cafe Belém“ во Торонто, Онтарио, кој истакна дека неговото кафуле не е политичко место, но дека е важно да се покаже поддршка за својата земја.
„Важно е да застанеме зад својот идентитет и да потсетиме дека нема да дозволиме некој да нè заплашува“, изјави тој.
Промената на името на кафето не е единствениот начин на кој Канаѓаните го изразуваат своето незадоволство. За време на турнирот „4 Nations Face-Off“ во хокеј, навивачите ја исвиркаа американската химна, испраќајќи јасна порака за своето незадоволство.
Коментирај анонимно