Конечно и науката потврди: Жените зборуваат повеќе од мажите – и тоа МНОГУ повеќе

Постојат одредени стереотипи за тоа кој е поразговорлив – мажите или жените, но што вели науката? Сеопфатна нова студија покажува дека жените зборуваат повеќе во текот на поголемиот дел од својот зрел живот.

Истражувањето откри дека во периодот од 25 до 64 години, односно во раната и средната зрелост, жените во просек изговараат 3.275 зборови повеќе на ден од мажите – што е еквивалентно на 20 минути повеќе разговор. Во другите возрасни групи, разликите биле помали или непостоечки.

„Постои силна претпоставка низ различни култури дека жените зборуваат многу повеќе од мажите“, вели клиничкиот психолог Колин Тидвел од Универзитетот во Аризона. „Сакавме емпириски да провериме дали ова тврдење навистина важи.“

Некои од истите истражувачи учествувале и во студија од 2007 година, која утврдила дека и мажите и жените во просек изговараат околу 16.000 зборови дневно. Но, овој пат, тимот собрал многу поголем обем на податоци: 2.197 учесници од четири земји, 14 години на истражување и детален преглед според различни возрасни групи.

За собирање на податоците, учесниците носеле специјално дизајниран електронски уред кој на случајни временски интервали снимал кратки аудио исечоци од нивните разговори. Вкупно биле анализирани 631.030 аудио-клипови, кои потоа биле обработени преку статистички модели.

Зошто жените зборуваат повеќе во зрелата возраст?

Новите податоци откриваат нијанси кои студијата од 2007 година ги немала забележано, вклучувајќи ја и разликата во зборливоста помеѓу мажите и жените во раната и средната зрелост.

Она што ова истражување не го открива е зошто постои оваа разлика. Една од можните причини, според научниците, е фактот што жените почесто ја преземаат грижата за децата, па затоа имаат повеќе вербална интеракција со нив.

„Ако биолошките фактори како што се хормоните беа главната причина, тогаш значителна разлика во зборливоста требаше да постои и кај младите возрасни лица“, вели психологот Матијас Мел од Универзитетот во Аризона.

„Ако, пак, општествените промени беа главниот двигател, тогаш требаше да има постепено зголемување на разликата меѓу половите кај постарите учесници. Но, ниту едно од овие сценарија не се потврди.“

Важно е да се нагласи дека меѓу учесниците имало голема индивидуална разновидност – некои мажи зборувале многу, а некои жени биле многу тивки.

Најмалку зборливиот учесник во студијата бил маж кој изговарал само 62 збора дневно. Од друга страна, најмногу зборливиот учесник, исто така маж, достигнал неверојатни 124.134 зборови дневно – што значи дека, ако спиел осум часа, зборувал во просек речиси 130 збора во минута во текот на будните часови.

Луѓето генерално зборуваат сè помалку

Истражувањето откри уште еден интересен тренд: без разлика на полот и возраста, луѓето со тек на времето зборуваат помалку. Научниците ова го припишуваат на зголеменото време поминато пред екрани – телефони, компјутери и телевизија.

Иако оваа студија е многу подетална од онаа во 2007 година, резултатите сè уште носат одредена неизвесност.

На пример, во зрелата возраст, жените зборувале од 1.500 до 3.600 зборови повеќе од мажите дневно. Ова е широк опсег – од дополнителни 10 минути разговор до речиси 23 минути. Научниците сметаат дека се потребни уште поголеми примероци за да се идентификуваат сите можни фактори кои влијаат на оваа разлика.

Во идните истражувања, тимот сака да се фокусира повеќе на врската меѓу зборливоста и целокупното благосостојба на поединците.

„Наодите се многу јасни – социјализацијата е поврзана со здравјето, барем во истата мера како физичката активност и сонот“, вели Мел. „Тоа е само уште едно важно однесување кое придонесува за добросостојбата на човекот.“

Истражувањето е објавено во Journal of Personality and Social Psychology.

  • smortergiremal напиша:

    Its great as your other articles : D, appreciate it for putting up. “As experience widens, one begins to see how much upon a level all human things are.” by Joseph Farrell.

  • Коментирај анонимно

    Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *