Коњите не ја допреле Ирина, туку го згазиле татко ѝ и над 3.000 луѓе поверувале во Бога: Необичната приказна на Света великомаченичка Ирина Македонска
На 18 мај, православните христијани ја одбележуваат Света великомаченичка Ирина Македонска, која се смета за првата маченичка од Македонија. Според преданието, таа живеела во апостолските времиња на Балканот, во градот Магедон.
Пред крштевањето го носела името Пенелопа. Родена била во незнабожечко семејство, како ќерка на Лициниј, малечок цар и владетел на Македонија. За неа бил изграден голем дворец, во кој живеела со учителот Апелијан и со девојки на нејзина возраст.
Апелијан ја поучувал во науките, но и во верата. Тој бил христијанин и често ѝ раскажувал за Христос Спасителот.

Содржина:
- Гулаб со маслиново гранче, орел со венец и гавран со змија влегле низ прозорецот на Пенелопа
- Лициниј ја фрлил ќерката под копитата на коњите, а потоа таа се помолила и тој оживеал
- Десет дена во јама со змии, а ангел Господов ѝ носел храна
- „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“
- На четвртиот ден го отвориле гробот и телото на Ирина го немало
Гулаб со маслиново гранче, орел со венец и гавран со змија влегле низ прозорецот на Пенелопа
Кога девојката пораснала, нејзините родители почнале да размислуваат за нејзина мажачка. Тогаш, според житието, Господ ѝ дал чудотворен знак.
Апелијан и го протолкувал видението. Гулабот означувал кротост, смирение и целомудрие, а маслиновото гранче ја означувало Божјата благодат. Орелот симболизирал духовна возвишеност, а венецот бил награда од Бога за победа над невидлив непријател. Гавранот со змија навестувал тага и прогонство, знак дека ѓаволот се кренал против неа.
Пенелопа решила да ги издржи сите страдања заради Господа. Се откажала од мажачката и го примила крштевањето. Според преданието, Св. Тимотеј ја крстил заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донел да ги чита Посланијата на Светиот апостол Павле.

Лициниј ја фрлил ќерката под копитата на коњите, а потоа таа се помолила и тој оживеал
Ирина почнала да ги убедува своите родители да се откажат од паганските божества. На почетокот, Лициниј не го сфатил тоа сериозно. Но кога светицата цврсто одбила да им се поклони на паганските божества, тој разгневено наредил да биде фрлена пред коњите.
Коњите не ја допреле девојката. Наместо тоа, го прегазиле самиот Лициниј. Тогаш Ирина прочитала молитва и нејзиниот татко веднаш оживеал.
Гледајќи го ова чудо, повеќе од 3.000 луѓе, меѓу кои и самиот владетел, поверувале во Христа. Од тој миг, Ирина храбро почнала да го проповеда христијанството и да ги повикува луѓето на патот на спасението.

Десет дена во јама со змии, а ангел Господов ѝ носел храна
Новиот владетел, Седекија, се обидел да ја натера да престане со проповедта и да им принесе жртва на боговите. Светицата останала непоколеблива.
Потоа била фрлена во јама со змии, каде што останала десет дена и излегла сосема неповредена. Ангел Господов ѝ носел храна и ја чувал. Седекија, мислејќи дека станува збор за вештерство, наредил нејзиното тело да биде сечено, но железните алатки се кршеле една по друга и не ѝ нанесувале штета.
Потоа ја врзале за воденичко тркало, но тоа одбило да се врти. Според житието, и следните владетели ја подложувале на разни маки, но таа останувала неповредена. Чудесните знаци привлекувале се повеќе луѓе кон христијанската вера, а во едно предание се вели дека над 10.000 пагани поверувале во Христа.
„Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“
Синот на Седекија, царот Савах, ја потковал со клинци, натоварил врз неа вреќа со песок, ја впрегнал и наредил да ја водат како добиче далеку надвор од градот.
„Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говорела Светата маченичка додека впрегната трчала по своите мачители. Тогаш, според преданието, Божји ангел ја затресол земјата, земјата се отворила и ги проголтала нејзините мачители.
Потоа Ирина проповедала во Калипол, каде што царот Нумеријан ја фрлал во три усвитени метални вола еден по друг, но таа останала жива. Епархот Ваводин ја одвел во градот Константин и ја ставил врз усвитени решетки, но и тоа не ѝ наштетило. Во Месемвриј, царот Савориј ја убил, но Бог ја оживеал. Кога го виделе тоа, царот и многубројниот народ поверувале. Во друго предание се вели дека со своите страдања Света Ирина привела во Христовата вера околу 100.000 незнабошци.
На четвртиот ден го отвориле гробот и телото на Ирина го немало
Во Ефес, Господ и го открил денот на нејзината смрт. Тогаш Ирина отишла во планинска пештера, се прекрстила и влегла внатре. Им наредила на своите придружници да го запечатат влезот со голем камен.
Кога христијаните дошле на четвртиот ден и го отвориле местото, не го нашле нејзиното тело. Сите разбрале дека Господ ја однел во рајот.
Православните христијани и се молат на Света Ирина Македонска за зајакнување на верата, за помош во борбата против телесните искушенија и за исцелување од тешки болести. И се обраќаат и млади жени кои бараат добар брак, луѓе што се во потрага по добра работа, како и верници пред долги патувања.
Света великомаченичка Ирина, моли се на Бога за нас. Имајте благословен ден.

Коментирај анонимно